Од владејачката партија обвинуваат и оти ДУИ одамна престанала да биде партија која работи на штитење на интересите на Албанците во Македонија
Под водство на Али Ахмети, земјава беше преплавена со сомнителен српски и црногорски капитал, што отвори пат за опасно економско и политичко влијание од Белград, реагираат од ВЛЕН во партиското соопштение испратено до медиумите утринава.

Оттаму велат дека владата на ДУИ, овозможила српскиот и црногорскиот организиран криминал да влезе во индустријата на казината, односно, од трите доделени лиценци од Видеолотарија, две завршиле кај сомнителни компании од овие земји.
„Во јули 2021 година, кога Бујар Османи беше министер за надворешни работи, а клучните економски ресори беа во рацете на луѓе блиски до Ахмети, ДУИ даде зелено светло за српската компанија МТЕЛ да влезе на нашиот пазар. Без нивно одобрение, оваа компанија немаше да добие никаква лиценца“,
велат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН додаваат дека се документирани најмалку 11 средби на Османи со српски функционери, додека не е одржана ниту една со претставници од Косово. Како претседавач со ОБСЕ, велат тие, неговата политика била во согласност со интересите на Белград, а на штета на Приштина.
„Во 2025 година, ДУИ отворено се обидува да ја дестабилизира државата со политика на уцени и блокади. Таа стратегија им служи само на интересите на Србија и ја загрозува евроатлантската ориентација на Македонија“,
соопштија од партијата.
Дополнително, во соопштението се обвинува дека ДУИ го продала достоинството на Албанците за лични и клански интереси и оти граѓаните ја разбрале вистината дека ДУИ не е сила за обединување и развој, туку партнер на српската политика која има за цел да ја ослабне и дестабилизира Македонија.
„ВЛЕН ќе продолжи јасно и гласно да се спротивставува на оваа антидржавна агенда, бранејќи ги евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците“,
заклучуваат оттаму.