Осомничениот бил претставен како „лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелацискиот суд Скопје”

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) спроведува истражна постапка против едно лице што е осомничено за примање награда за противзаконито влијание.
За случајот информираат и од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што велат дека станува збор за 59-годишниот П. Г. од Скопје, за кого е поднесена кривична пријава.
Како што информираат од ОЈО ГОКК, осомничениот, од април до август годинава, примил награда од 10 илјади евра за наводно да влијае врз одлуки во граѓански судски постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и пред Апелацискиот суд Скопје.
Во описот на случајот се вели дека сведок пријавител, кој е управител на фирма и кој имал граѓанска постапка со друго лице, добивал информации дека спротивната страна врши сериозно влијание врз судии кои одлучувале во првостепените и второстепените постапки давајќи поткупи за да се донесат одлуки во нивна полза.
Сведокот, сакајќи да ги провери информациите, од свој познаник пензиониран судија добил контакт од осомничениот, кој му бил претставен како „лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелацискиот суд Скопје”.
„Сведокот и неговиот брат се сретнале со осомничениот кој директно им побарал 16 000 евра за да се заврши спорот во корист на правното лице – семејната фирма на сведокот. Ги уверувал дека другата страна давала многу повисоки износи, но судиите не сакале да се нафатат за да пресудат нешто што не било правно основано“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Откако сведокот му кажал дека не може да обезбеди толку пари наеднаш, се договориле за исплата на три рати.
„На 30 април, чувствувајќи дека нема друг избор, сведокот му дал на осомничениот 5 000 евра, по што осомничениот го уверувал да не се грижи за исходот и целиот период биле во комуникација во врска со постапката. Во тој период сведокот решил да ја пријави трговијата со влијание и при следната исплата на 5 000 евра, осомничениот е лишен од слобода веднаш по приемот на парите“,
додаваат од ОЈО ГОКК.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, ценејќи дека се исполнети законските основи.