Од украинската војска додаваат дека нападнале голем број важни објекти во Русија, вклучувајќи ја и пумпната станица за нафта Унеча

Како што продолжуваат дипломатските разговори за смирување на конфликтот така продолжува и војната во Украина, пишува Би-би-си.
Според информации од украинската војска, Русија во текот на ноќта лансирала 49 беспилотни летала во Украина.
Државната служба за вонредни состојби на Украина објави дека едно лице е убиено во напади врз станбена зграда во регионот Херсон.
„Две лица се убиени, а едно е повредено во градот Донецк Костјантинивка, а 12 куќи се оштетени“,
вели гувернерот Вадим Филашкин.
Тој додава дека изминатите 24 часа Русија 30 пати гранатирала населби во регионот Донецк.
Од украинската војска додаваат дека нападнале голем број важни објекти во Русија, вклучувајќи ја и пумпната станица за нафта Унеча.
Руските воздухопловни сили велат дека утрово собориле 17 украински беспилотни летала лансирани кон областа Белгород и уништиле 46 украински беспилотни летала преку ноќ.
Инаку, денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе има онлајн состанок со својот американски колега Доналд Трамп и со европските лидери. Состанокот доаѓа пред средбата на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска в петок.