За да се надмине проблемот, Лимани вели дека се направени измени во Законот за заштита на деца, со кои е овозможено стручниот испит привремено да се полага во хартиена форма

Денеска околу 350 лица полагаат за лиценца за работа како воспитувачи, негуватели, стручни работници, соработници и директори, што е задолжителен услов за вработување во детските градинки. Овој процес, кој беше блокиран од 2023 година, сега е одблокиран.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани вели дека застојот бил предизвикан од нефункционален електронски систем, што спречило голем број кандидати да го полагаат испитот, токму кога имало најголема потреба од кадар во градинките.
За да се надмине проблемот, Лимани вели дека се направени измени во Законот за заштита на деца, со кои е овозможено стручниот испит привремено да се полага во хартиена форма.
„Ова ќе биде во сила до 1 јануари 2026 година, по што процесот повторно ќе продолжи по електронски пат“,
рече Лимани кој присуствуваше на полагањето на стручниот испит на Филозофскиот факултет.
Тој додаде дека до крајот на овој месец ќе полагаат уште 350 кандидати. Лимани додаде дека сите пристигнати барања за стекнување со лиценца детално се разгледуваат и оти комисијата ќе стапи во контакт со секој барател.