Не можеме да се избегнуваме едни со други, ниту треба да се обидуваме. Повикани сме да живееме заедно, да создаваме заедно, да ги делиме одговорностите и успесите, да градиме заедничка иднина за генерациите што доаѓаат. Ова не е обврска, ова е историска можност, рече Меџити
Охридскиот договор е нашиот водич за иднината, порача вицепремиерот Изет Меџити на приемот по повод годишнината од потпишувањето на договорот. Во говорот пред присутните тој кажа и дека Охридскиот договор ги постави темелите за нов соживот врз принципите на демократија, инклузивност и меѓусебно почитување.
„Месецот август носи длабока симболика за нас – Илинден и Охридскиот договор се два темели на современета државност на Република Северна Македонија. Тоа се два датуми кои не треба да живеат само во календарот, туку и во нашата колективна свест. Тие не потсетуваат дека само преку заеднички напори, жртва и дијалог може да изградиме функционално и демократско општество. Охридскиот договор не е само политички документ, тој е визионерски акт, историски договор меѓу заедниците кои живеат во оваа земја. Посветеност за изградба на држава во која секој се чувствува еднаков, претставен и почитуван“,
порача Меџити.

Меџити посочи и дека Албанците и Македонците, но и сите други етнички заедници, не се само делови од една држава, туку дека сите се нејзини соосновачи.
„Не можеме да се избегнуваме едни со други, ниту треба да се обидуваме. Повикани сме да живееме заедно, да создаваме заедно, да ги делиме одговорностите и успесите, да градиме заедничка иднина за генерациите што доаѓаат. Ова не е обврска, ова е историска можност,“
рече Меџити.
На приемот по повод одбележувањето на 24 години од потпишувањето на Рамковниот договор присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, како и дел од владината делегација.
Во рамки на одбележувањето од годишнината, за утре е најавена свечена седница на Владата.