Еден од осомничените заедно со малолетникот со автоматски пушки усмртиле едно лице, а довеле во опасност и други, вклучувајќи еден од останатите осомничени, по што побегнале
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово покрена истрага и предложи притвор против тројца возрасни и еден 15-годишен малолетник осомничени за пукањето во Тетово во кое едно лице загина, а четворица беа повредени.
Обвинителството информира дека барањето за притвор за сите осомничени е прифатено од Судот во Тетово.

Четворицата, меѓу кои и малолетникот, се осомничени дека како извршители или соизвршители сториле кривични дела – убиство и убиство во обид, неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи и тешки дела против општата сигурност.
Изнесувајќи детали за настанот, од ОЈО Тетово наведуваат дека на денот на инцидентот (10 август) на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово еден од осомничените заедно со малолетникот со употреба на автоматски пушки усмртиле едно лице, а довеле во опасност и други лица, вклучувајќи еден од останатите осомничени. Испукале повеќе куршуми кон автомобил „фолксваген голф“, погодувајќи го сега покојниот, кој бил на возачкото седиште.
При пукањето, два куршуми завршиле во градниот кош на совозачот на „голфот“ кој се здобил со тешки телесни повреди, а еден куршум во десната натколеница на 13-годишно дете кое било во непосредна близина.
Осомничениот заедно со детето во судир со законот потоа се оддалечиле од местото.
„Иако бил ранет од престрелката, вториот осомничен и уште едно лице извадиле пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди во торакалниот дел, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност иато така била загрозена“,
информираат од ОЈО Тетово.
Претходно денеска од СВР Тетово информираа дека во врска со пукањето во текот на вчерашниот ден се приведени четири лица, меѓу кои двајца малолетници.