„Борбата со огнот на моменти е ризична, поради што сè уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен“, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека една линија на пожарот во ловиштето „Јасен“, која се протегаше исклучително стрмно над асфалтираниот пат, успешно е изгасната од страна на припадниците на специјалната армиска единица „Волци“.

Сепак, Ангелов вели дека борбата против огнот и натаму продолжува.
„Борбата со огнот на моменти е ризична поради што сè уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен“,
изјави Ангелов во попладневното видеојавување од терен.
На гасење на пожарот кај „Јасен“ од земја дејствуваат припадници на специјалните единици на АРМ и полицијата заедно со екипи на ЈП „Јасен“, а од воздух дејствуваат „ертрактор“ на ДЗС и еден полициски хеликоптер.