Премиерот Спајиќ вели дека пожарите на неколку локации во земјата предизвикале голема материјална штета и оти има повредени неколку пожарникари

Авиони на армијата, Министерството за внатрешни работи и хеликоптер што е пристигнат од Србија како помош ги гаснат пожарите што се активни на неколку локации во Црна Гора.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Миодраг Бешовиќ, во изјава за црногорските медиуми вели дека активни се пожарите во Подгорица, Бар, Будва, Бијело Поље, Никшиќ, Савник.
Главниот град Подгорица утрово е под облак од чад, а низ целата негова територија се чувствува силен мирис на изгорено.
„Од овие пожари, ситуацијата е најсериозна на територијата на Подгорица во населбите Пипери, Какарична Гора, Смоковац, Рогами, Дољани. Тешко е да се каже колку активни пожари има на територијата на државата. Синоќа, најдраматично беше на Какарична Гора, каде што со напорите на пожарникарите, војската и офицерите на Дирекцијата не дозволивме пожарот да се прошири“,
рече Бешовиќ.
Пожарот што избувнал синоќа на депонија за автомобили во Горња Горица е изгаснат, па утрово главниот пат Подгорица-Даниловград е прооден.
За пожарот во Чањ, Бешовиќ вели дека ситуацијата е подобра утрово, а пожарникарите биле дежурни во текот на ноќта.
Тој потсети дека е испратена покана до Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, но и до Евроатлантскиот центар за координација на одговор на катастрофи на НАТО (EADRCC).
Бешовиќ рече дека се очекува да пристигне и канадер од Хрватска.
„Очекуваме одговор од НАТО, знаеме дека нашите дипломатски претставници работат на овие активности и се обидуваат да обезбедат што е можно поголема помош“,
рече Бешовиќ.
Началникот на Командниот и оперативен центар на Војската на Црна Гора, полковник Хајрудин Ѓерекарац, вели дека засега единственото нешто што е сигурно е дека Словенија ќе испрати помош хеликоптер за гаснењето на пожарот.
Тој во изјава за телевизијата Вијести вели дека немаат информации дали и каква помош треба да испрати НАТО.

Низ цела Црна Гора пожарите вчера зафатиле куќи, имоти, шуми, неколку семејства беа евакуирани. Во гаснењето беа вклучени припадници на службите за заштита и спасување, воздухопловната единицата, војската на Црна Гора, локалните комунални претпријатија и граѓаните.
Владата на Црна Гора најави дека ќе обезбеди целата потребна помош на граѓаните кои претрпеа штета во пожарите, со цел да се санираат последиците и да се врати она што е изгубено.
„Свесен сум за тежината на загубите што ги претрпеа нашите граѓани. Владата на Црна Гора ќе биде со вас – ќе ја обезбедиме целата потребна помош за санирање на последиците и враќање на изгубеното. Овие предизвици се тешки, но ќе ги надминеме заедно, со верба во силата и единството на нашата заедница“,
напиша премиерот Милојко Спајиќ на социјалната мрежа Икс.
Danas je Crna Gora pogođena teškim požarima na više lokacija, koji su nanijeli veliku materijalnu štetu našim građanima i zajednicama. Nažalost, povrijeđeni su i naši vatrogasci – ljudi koji svakog dana, nesebično i hrabro, staju na prvu liniju odbrane života i imovine. Njima…
— Milojko Spajić (@MickeySpajic) August 11, 2025
Тој додаде дека пожарите на неколку локации во земјата предизвикале голема материјална штета на граѓаните.
„За жал, повредени се и нашите пожарникари – луѓе што несебично и храбро стојат на првата линија на одбрана на животот и имотот секој ден. Им упатувам искрена благодарност и длабоко почитување за жртвата и храброста што ја покажуваат“,
рече тој.