Таа одлука, се додава во соопштението, ќе резултира со дополнително присилно раселување, убиства и масовно уништување, зголемувајќи го незамисливото страдање на палестинското население во Газа

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, е сериозно вознемирен од планот на Израел за преземање контрола врз градот Газа, се вели во соопштението од генералниот секретар.
Во соопштението се додава дека одлуката претставува опасна ескалација што ризикува продлабочување на веќе катастрофалните последици за милиони Палестинци.
Таа одлука, се додава во соопштението, ќе резултира со дополнително присилно раселување, убиства и масовно уништување, зголемувајќи го незамисливото страдање на палестинското население во Газа.
Гутереш реакција објави и на својот профил на социјалната мрежа Икс, каде, како што вели, ја повторува неговата итна жалба за траен прекин на огнот, непречен хуманитарен пристап низ Газа и итно и безусловно ослободување на сите заложници.
„Сериозно сум вознемирен од одлуката на израелската влада да ‘преземе контрола врз Газа’. Ова претставува опасна ескалација и ризикува продлабочување на веќе катастрофалните последици за милиони Палестинци. Може дополнително да загрози повеќе животи, вклучително и на преостанатите заложници. Го повторувам мојот итен апел за траен прекин на огнот, непречен хуманитарен пристап низ Газа и итно и безусловно ослободување на сите заложници“,
пишува Гутереш.
I'm gravely alarmed by the decision of the Israeli Government to "take control of Gaza City".
— António Guterres (@antonioguterres) August 8, 2025
This marks a dangerous escalation & risks deepening the already catastrophic consequences for millions of Palestinians.
It could further endanger more lives, including of the remaining… pic.twitter.com/nHxXTWNaFn
Гутереш ја повикува Владата на Израел да се придржува кон своите обврски според меѓународното право. Тој потсетува дека Меѓународниот суд на правдата, во своето советодавно мислење од 19 јули 2024 година, меѓу другото, изјави дека државата Израел е должна веднаш да ги прекине сите нови активности за населување и да ги евакуира сите доселеници од окупираната палестинска територија и да го прекине своето незаконско присуство на окупираната палестинска територија – која ги опфаќа Газа и Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим – што е можно побрзо.
„Нема да има одржливо решение за овој конфликт без да се стави крај на оваа незаконска окупација и да се постигне одржливо решение за две држави. Газа е и мора да остане составен дел од палестинската држава“,
додава Гутереш.
Денеска и високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, реагираше дека планот на израелската влада за целосно воено преземање на окупираниот Појас Газа мора веднаш да се запре.
Во соопштението, Турк вели дека тоа е спротивно на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, дека Израел мора што поскоро да ја заврши својата окупација, да го реализира договореното решение за две држави и правото на Палестинците на самоопределување.
Израелскиот кабинет за безбедност одобрил план за преземање контрола врз Газа, додека земјата ги проширува своите воени операции и покрај засилените критики дома и во странство поради разорната речиси двегодишна војна.
Кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое детално се опишани одобрените планови за окупирање на градот Газа и петте принципи за завршување на војната, за кои се вели дека се усвоени со мнозинство гласови.
Неколку часа подоцна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека Израел нема намера целосно да ја окупира Газа.
„Газа ќе биде демилитаризирана и ќе се воспостави мирна цивилна администрација, која не е Палестинската самоуправа, ниту Хамас, ниту која било друга терористичка организација“,
вели денеска Нетанјаху во објава на социјалните мрежи.