„Овие шокантни податоци уште еднаш ја потврдуваат горчливата реалност на континуираната институционална дискриминација кон Албанците, која продолжува со ист интензитет од доаѓањето на новата влада. Дополнително, извештаите на Синдикатот на контролори на летање за политички интервенции и блокирање на синдикалниот надзор за време на интервјуата, потврдуваат дека процесите на вработување не се базирани на заслуги, туку служат како алатка за партиски награди и непотизам“, велат од ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека имало дискриминаторски и селективни практики при последните вработувања во Македонска навигација (М-НАВ).
Од партијата велат дека од вкупно 16 работни места објавени во двата последни конкурса, само две се пополнети со Албанци, а едниот од нив е синот на пратеничката од ВЛЕН, Мерита Колчи-Коџаџику.
„Овие шокантни податоци уште еднаш ја потврдуваат горчливата реалност на континуираната институционална дискриминација кон Албанците, која продолжува со ист интензитет од доаѓањето на новата влада. Дополнително, извештаите на Синдикатот на контролори на летање за политички интервенции и блокирање на синдикалниот надзор за време на интервјуата, потврдуваат дека процесите на вработување не се базирани на заслуги, туку служат како алатка за партиски награди и непотизам“,
велат од ДУИ.
За нив е неприфатливо во една државна институција финансирана од даноците на граѓаните, Албанците да бидат третирани, како што велат, како граѓани од втор ред.
„Овој случај не е изолиран, туку дел од синџир на дискриминаторски одлуки кои се случуваат во јавната и државната администрација, со што им се ускратува на Албанците еднаквата застапеност загарантирана со Уставот и со Охридскиот рамковен договор. ДУИ ја повикува Владата и раководството на М-НАВ веднаш да ги поништат спорните процедури и да обезбедат транспарентност и правична застапеност во секој процес на вработување. Нереагирањето на овие неправди ќе претставува отворен чин на соучесништво во дискриминацијата“,
соопшти партијата.
Вчера порталот „сдк.мк“ објави дека директорите на М-НАВ не ја пуштиле контролорката на летање, делегирана од Синдикатот на контролори на летање, да присуствува при интервјуата со кандидатите на повторениот оглас за вработувања. Како што објави порталот, на контролорката ѝ кажале дека ако сака, може само да наслушнува пред вратата на канцеларијата, каде двајца од тројцата директори разговарале со кандидатите и ексклузивно бирале кој ќе биде вработен.
„Прво со електронска пошта директорите побараа од Синдикатот претставник или претставничка кои би присуствувале на интервуата за реобјавениот оглас за трите места што не се пополнија првиот пат со тие што треба. Кога отиде колешката, директорот Фатмир Зимбери ѝ кажал дека нема да може да влезе внатре и да го набљудува процесот. Се јави во Синдикатот, ѝ рековме да не седи пред врата, да си замине“,
изјави за „сдк.мк“ Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање.
Порталот упатил прашања до директорот на М-НАВ, Владимир Ристески – дали, како и при првиот оглас во јули, директорите повторно го повредиле колективниот договор поради што Синдикатот ги пријави во Трудовата инспекција. Еве што им одговорил:
„Почитувана, денес, 6 август, се правеа интервјуа со кандидатите апликанти за огласите. Истото се правеше и во понеделникот. Никој никого не филтрира позади затворени врати. На синдикатите им е објаснето дека може да присуствуваат во просторијата пред канцеларијата каде се одвиваат интервјуата, со цел да видат дека процесот се одвива согласно записникот од комисијата. Не е дозволено присуство во просторијата каде се прават интервјуата затоа што кандидатите при интервјуто може да изнесат лични информации. Кон сите кандидати имаме исти стандарди и принципи при интервјуирање.“
„Сдк.мк“ пишува и дека во првиот наврат на овој оглас, по интервјуирањето зад затворени врати без задолжителното присуство на претставник од Синдикатот, биле примени потпретседателот на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистар, која е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, како и сопруга на осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април.
Инаку, огласот за вработувања во М-НАВ беше објавен на 9 јули, а потоа дел од него реобјавен на 16 јули.