Оваа изјава израелскиот премиер ја даде за американски „Фокс њуз“, во очи состанокот на Советот за безбедност на кој треба да се конечна одлука – дали Израел ќе продолжи со војната во Газа преку воспоставување на целосна контрола врз територијата. Целта на војната, според Израел, е ослободување на преостанатите заложници киднапирани за време нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и уништување на капацитетите на терористичката организација за идни напади врз Израел
Дел од израелските медиуми веќе објавуваат дека планот вклучува неколку фази. Во првите неколку недели би се изградила привремена цивилна инфраструктура во централна Газа. Потоа би следел повик до цивилното население во северот на Газа да се евакуира на југ, по што изрелската војска би почнала воени операции во деловите од Газа кои се уште се под контрола на Хамас
Веќе извесната одлука на владата на Израел предизвика поделеност во земјата и меѓу населението и меѓу цивилните и воените власти. Шефот на израелската војска е против било каква форма на целосна окупација на појасот Газа
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за американската ТВ станица „Фокс њуз“ изјави дека (Израел н.з.) „има намера“ да ја преземе контролата над цела Газа. Интервјуто е дадено непосредно пред започнувањето на седницата на Советот за безбедност на Израел. На прашањето, дали Израел планира да ја преземе целосна контрола над Појасот, тој одговара:

„Имаме (таква н.з.) намера. Со цел да ја осигураме нашата безбедност, да го остраниме Хамас од таму, да му овозможиме на населението да биде слободно и да ја предадеме (Газа н.з.) на цивилна управа – која нема да биде Хамас и нема да биде било кој што се залага за уништување на Израел. Сакаме да се ослободиме себеси и да ги ослободиме жителите на Газа од ужасниот терор на Хамас“
изјави Бенјамин Нетанјаху за „Фокс њуз“.
Во интервјуто, тој додава и дека Израел нема намера да го присвои Појасот.
„Не сакаме да ја задржиме (Газа н.з.) Сакаме да имаме безбедносен периметар. Не сакаме да управуваме (со Газа н.з.). Не сакаме да бидеме присутни таму како управа“
Преселба на милион луѓе
Дел од медиумите во Израел, пренесува Би-би-си, веќе објавуваат делови од планот, кој вклучува преселба на околу еден милион луѓе кон југот на Појасот Газа. Мисијата е да се уништи и тоа што е преостанато од структурите на Хамас по речиси две години војување, а целта да се изврши притисок организацијата да ги ослободи заложниците кои ги држи од 7 октомври 2023-та година.

Во медиумските извештаи се пишува и дека Израел не планира веднаш да ја заземе целата територија. Поверојатно сценарио е план во фази кој треба да се спроведе во временски период од околу 5 месеци. Првата фаза, која би траела неколку недели, ќе остави време за да се воспостави цивилна инфраструктура во централна Газа, вклучително болници и кампови. Во исто време или нешто подоцна, ќе има повик за евакуација на населението од северните кон централните и јужните делови на Појасот.
Воена офанзива ќе се случи дури тогаш, заедно со забрзување на доставата на хуманитарната помош. Планирани се воени маневри во областите каде се верува дека се држат киднапираните заложници.
Опозицијата и војската против
За разлика од Владата која е јасно определена да ја продолжи и прошири воената операција во Газа, израелската војска (ИДФ) е против. Тоа беше главната вест во Израел во изминатите денови.
Според новинарските извештаи во земјата, началикот на Генералштабот на ИДФ, Ејал Замир, не се согласил со плановите кои му ги презентирал премиерот Нетанјаху. На состанокот за кој се опишува како тензичен, Замир му кажал на премиерот дека планот е „еднаков на влегување во стапица“.
Израел во моменот контролира околу 75% од територијата на Газа, но војската не оперира во градот Газа и камповите во централните делови на Појасот. Таму живеат околку еден милион луѓе.
Против е опозицијата и семејствата на киднапираните
Според војската, проширувањето на дејствијата и во овие области ќе ги доведе во опасност животите на 20-те преостанати заложници за кои се верува дека се живи, а ќе ги доведе во опасност и војниците. Слични се чувствата и на дел од семејствата на заложниците кои сметаат дека единствен сигурен начин за нивно ослободување е преку преговори.
Лидерот на израелската опозиција, пак, смета дека предлогот на Нетанјаху да се воспостави целосна контрола над Газа е „уште една војна“ и значи „уште мртви заложници“. Додава и дека сето тоа ќе чини десетици милијарди шекели (1 евро=4 шекели н.з.) јавни пари.
И покрај критиките на планот на Нетанјаху, се очекува војската да ги следи наредбите кои ќе произлезат од политичките одлуки.
Позиции
Актуелната ескалација на насилствата во Газа се случи откако на 7 октомври 2023-тата година Хамас изврши напад над цивилни и воени цели во Израел, преку масовна координирана акција во која илјадници милитанти ја пробија заштитната ограда со Израел. Беа убиени околку 1 200 луѓе, поголемиот дел цивили. Најголемиот масакр се случи на фестивал за транс-музика, каде беа убиени околу 400 лица – најголемиот дел млади посетители. При повлекувањето, Хамас зеде 251 заложник од Израел.
Израел возврати со воена операција која трае до денеска. Главните декларирани цели на владата на Нетанјаху се враќање на заложниците и уништување на Хамас и како владејачка структура во Појасот Газа и како организација. Според администрацијата предводена од Хамас, бројот на жртви во Појасот како резултат на израелските операции е околу 60 000, биланс кој ги вклучува и цивилните и воените жртви.
Хамас е на власт во Газа откако победи на изборите во 2006-та година. Во 2007-та го елиминираа главниот политички опонент и оттогаш не се оддржани избори. Организацијата не го признава правото на Израел да постои, не ги признава претходно постигнатите договори меѓу Палестинската управа и Израел, а Западот ја смета за терористичка организација. Позицијата на Хамас е дека нема намера да ги ослободи заложниците се додека Израел не ја прекине сегашната војна.
Владата на Израел, пак, во моментов е составена од десничарски и крајно-десничарски партии. Кога беше избрана, познавачите ја опишуваа како најдесно ориентираната влада во историјата на Израел, а истовремено и најрелигиозната. Во првите месеци по 7 октомври 2023-тата година Израел и Нетанјаху ја имаа јавната поддршката на западните сојузници во справувањето со Хамас. Но, со развлекувањето на воената операција и растечкото страдање на цивилното население во Газа која е отсечена од светот, расте притисокот за конечно решение на конфликтот. ОН и дел од Западот сметаат дека и Хамас и Израел имаат извршено воени злосторства. Позицијата на Израел, во моментов, е дека нема намера да прекине со воените операции, се додека Хамас не ги ослободи преостанатите заложници и не се расформира и разоружа.