Настанот се случил пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Шкендија и Карабах, кога германски државјанин го развеал спорното знаме. Набрзо тоа го забележала полицијата, го лишила од слобода и му поднела кривична пријава, Обвинителството поднело обвинение, а судот – казна

Државјанин на Германија пред почетокот на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Шкендија и Карабах, што во вторникот се одржа во арената „Тодор Проески“ во Скопје, веел знаме на „голема Албанија“, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Набрзо тоа го забележала полицијата, го лишила од слобода и му поднела кривична пријава, а Обвинителството поднело обвинение.
„По извршена идентификација и поднесена кривична пријава од СВР Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик. Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК Шкендија и ФК Карабах, со истакнување и веење знаме на ‘голема Албанија’ и со натпис ‘Автохтона’, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност“,
соопшти ОЈО Скоје.
Врз основа на обезбедените докази, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрекол пресуда со која обвинетиот го огласил за виновен.
„И го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните пет години. Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години“,
соопшти Обвинителството.
Од ОЈО Скопје велат дека заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари.
„Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на Јавното обвинителство“,
пишува во соопштението.