Трговците се задолжени да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година, врз основа на која се пресметува намалувањето. Дополнително, на видно место во продавниците ќе мора да има плакати со натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „Попуст на училишен прибор, од најмалку 15 отсто“

Владата донесе одлука со која ги задолжува трговците да ги намалат цените на училишниот прибор, како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните пред почетокот на учебната година.
Одлуката стапува во сила на 15 август и ќе трае до 15 септември.
Според одлуката, трговците на големо мора да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, додека трговците на мало за најмалку 15 отсто. Ова намалување се однесува на широк спектар на производи. На листата се ранци и ташни, тетратки, блокови, моливи, пенкала, боици, фломастери, пластелин, теста за моделирање, линијари, острилки, гуми за бришење, ножици, футроли и други дидактички материјали.
Трговците, додаваат од Владата, се задолжени да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година, врз основа на која се пресметува намалувањето. Дополнително, на видно место во продавниците ќе мора да има плакати со натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „Попуст на училишен прибор, од најмалку 15 отсто“.
На истата седница, Владата донела одлука и за продолжување на кризната состојба во траење од 30 дена. Ова, како што велат од владината прес-служба, се прави со цел да се обезбеди навремена помош за сите засегнати подрачја и да се заштити населението од огнените стихии.
„Сите човечки, технички и логистички ресурси остануваат мобилизирани за справување со пожарите“,
се додава во соопштението.
Владата уште еднаш апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите, која е во сила до 31 август. За оние што нема да се придржуваат кон оваа одлука, предвидена е парична казна од 1 500 до 2 000 евра.