Додека летал со својот параглајдер, тој удрил во дрво високо над 30 метри, во предел во близина на Крушево, и останал обесен на него. Спасувачката акција се одвивала при лоши временски услови, а параглајдеристот, сепак, безбедно е симнат од врвот на дрвото и поминал со лесни повреди, информира ДЗС
Странски параглајдерист, кој престојувал во Крушево за да ужива во својот омилен спорт, денеска доживеал невообичаен и опасен настан, кој за среќа завршил без потешки последици.
Додека летал со својот параглајдер, тој удрил во дрво високо над 30 метри, во предел во близина на Крушево, и останал обесен на него.
За настанот била известена полицијата, која ја известила Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Алармиран бил тимот за спасување на планина.

„Денеска доцна попладне од полициската станица Крушево бевме информирани дека странски државјанин, додека летал со параглајдер, удрил во дрво високо над 30 метри, од ударот се здобил со повреди и останал да виси на дрвото. Несреќата се случила во близина на Крушево. Бидејки локалните сили не можеле да го симнат повредениот параглајдерист, итно е активиран тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување“,
информира ДЗС.
Спасувачката акција се одвивала при лоши временски услови, а параглајдеристот, сепак, безбедно е симнат од врвот на дрвото и поминал со лесни повреди.

„Во лоши услови, со силен ветар и во ноќ, тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување пред малку безбедно го симна од дрвото на кое беше закачен странскиот параглајдерист кој за среќа нема сериозни повреди“,
додаваат од ДЗС.
Инаку, Крушево е позната светска дестинација за параглајдеристите поради природните убавини и соодветниот терен за практикување на овој спорт. Таму често се одржуваат параглајдерски манифестации од светски ранг. Се случуваат и несакани настани, но добро е кога имаат среќен крај, како денеска.