Додик оцени дека потегот на ЦИК е неприфатлив и најави дека Народното собрание на Република Српска ќе одлучи за распишување референдум во наредниот период

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека народот ќе одлучи на референдум за неговиот претседателски мандат. Оваа изјава доаѓа откако Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) му го одзеде мандатот откако беше законски осуден.
ЦИК ја донесе одлуката откако Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичко делување поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник во БиХ.
Додик оцени дека овој потег е неприфатлив и најави дека Народното собрание на Република Српска ќе одлучи за распишување референдум во наредниот период.
„Прашањето ќе биде дали претседателот на Република Српска треба да прифати одлуки што го уништуваат уставниот поредок. Ако граѓаните кажат да, тогаш смртната пресуда на Република Српска е потпишана. Ако не, ние сме подготвени да ја продолжиме политичката борба без оглед на личните последици“,
рече Додик на прес-конференција по состанокот на владејачката коалиција во Бања Лука, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Според него, народот е тој што му го дал мандатот и затоа, како што рече, ќе го слушне на референдум.
Референдумот ќе се одржи според измените на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, кои беа усвоени минатата година. Според ова, за успешен референдум потребно е мнозинство од излезените гласачи, а не мнозинство од вкупниот број на регистрирани гласачи.
Додик упати обвинувања до бошњачките политичари дека нивна единствена цел е да го елиминираат од политиката.
Во меѓувреме, адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, поднесе барање до Судот на БиХ за замена на затворската казна со парична. Според сараевските медиуми, барањето е за плаќање на казна од 36 500 конвертибилни марки (околу 18 700 евра), бидејќи законот дозволува паричен откуп за казни до една година затвор.