Со новите пет линии и 11-те кои веќе се отворени, како што посочи Николоски, само за една година се реализирани 16 нови авиолинии

Пет нови авиолинии ќе бидат воведени од Меѓународниот аеродром Скопје, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Како што објави тој, од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн.
„Утрово потпишавме Договор за пет нови дестинации коишто ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолетови кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, Келн – Скопје и редовна авионска линија Прага – Скопје“,
изјави Николоски.
Со новите пет линии и 11-те кои веќе се отворени, како што посочи тој, само за една година се реализирани 16 нови авиолинии.
„И тоа бројките го покажуваат, само во првата половина од оваа година од скопскиот и охридскиот аеродром вкупно се превезени 1, 5 милион патници, што е зголемување за 5 отсто од скопскиот аеродром и 11 отсто на охридскиот аеродром. Во следниот период ќе има уште добри вести, најавувам дека ќе има уште нови авиолинии“,
истакна Николоски.