Дури 40 отсто од учесниците изјавиле дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга. Износите варирале од 200 денари до 2 000 евра

Неформалните плаќања, подароци и „врски“ се претвораат во неизбежна влезница за навремена и квалитетна здравствена грижа, покажа анализата на Институтот за демократија, кои преку осум фокус-групи во сите плански региони, испитале вкупно 81 лице за нивните искуства во јавниот и приватниот здравствен систем.
Се внимавало учесниците да доаѓаат од домаќинства со различен приход и да имаат контакт со јавното здравство во изминатите 12 месеци.
Истражувањето потврдило дека неформалните плаќања, кои честопати претставуваат значителен финансиски товар, најмногу ги погодуваат домаќинствата со пониски приходи. Сепак, дури 40 отсто од учесниците изјавиле дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга. Износите варирале од 200 денари до 2 000 евра.
„Јас мислам дека во последно време нашето јавно здравство е сè повеќе корумпирано. Еве, пример, мојот сопруг скрши нога, имаше прелом на нога. Докторот во Скопје кој требаше да прави операција, побара во рок од 3 часа ако дадеме 30 000 денари на некојаси сметка, ќе го оперираат, ако не – ќе го врати во Куманово. Значи, ти и да имаш и да немаш, и да сакаш и да не сакаш, мораш да ги дадеш, заради тоа ако сакаш да ти ја извршат услугата која ти е потребна“,
изјавила 46-годишна испитаничка, која работи како негувателка.
„Лично, моите внуки кога се оперираа имаа платено 2 000 евра на рака. Сепак се работи за младо дете од 19 години, се оперира од тумор на јајниците за да се спаси живот и моите мораа да се задолжуваат за да земат 2 000 евра и едвај и докторот се нафаќа да ја оперира, што е како е, но тоа е платено. Значи веќе се бара“,
посочила 53-годишна испитаничка вработена во конфекција.
„Мене ми земаа пари, баш тука во Велес во болницата. И тоа тука на мостот… Ми дадоа број после операција да се јавам. Се јавив. Човек се покажа, носам такви бермуди, таква маица. Ја од тука заминувам. На мостот ми дигна рака. Пријатно, пријатно“,
споделилел 60-годишен маж, невработен.
„Морав да бркам врски. Доктори мои, некои со кој се знам да одам преку ред. Не би требало така да е, јас мислам. Тој е мој пријател, личен доктор мој. Се знаеше со тие од кардиолошко и ми заврши работа, да речам, што не би требало. Чисто пријателски, не би требало и тоа да е така“,
споделил друг 66-годишен пензионер.
Незаинтересираниот однос и нестручноста на кадарот во јавниот сектор се само дел од проблемите кои граѓаните ги посочиле. За нив, недостигот од достапни термини е еден од најголемите предизвици во пристапот до јавното здравство.
„Дури и кога терминот е закажан, тие се соочуваат со доцнења, откажувања или неадекватна посветеност од страна на персоналот. Ваквото непочитување на термините создава дополнителен финансиски и психолошки товар за граѓаните кои патуваат од други населени места. Учесниците ја перципираат праксата на јавното здравство да нуди приватни услуги како злоупотреба која создава фрустрација и незадоволство. Услугите кои не можат да ги добијат редовно, се нудат како приватни услуги, што претставува финансиски товар за пациентите и дополнително ја поткопува довербата во јавното здравство“,
се вели во истражувањето.
Анализата покажала дека економската состојба директно го одредува пристапот до лекување. Приватното здравство се перципира како подобра алтернатива поради модерната опрема, побрзите услуги и професионалниот персонал.
Лицата кои можат да си го дозволат, го преферираат приватното здравство, додека oстанатите се принудени да ги игнорираат здравствените проблеми или да се соочат со предизвиците на јавниот сектор.
Сепак, некои учесници го критикувале приватното здравство поради ориентираноста кон профит, особено во случаите на хронични или неизлечиви состојби.
Додатни проблеми вклучуваат дискриминација врз основа на возраст, јазични бариери во комуникацијата, и неефикасност на комисиите за социјална и здравствена заштита.
„Иако учесниците генерално ја сметаат корупцијата за неоправдана, тие покажуваат разбирање за нејзината употреба во животозагрозувачки ситуации. Недовербата во институциите и културата на неказнивост значително ги обесхрабрува од пријавување на корупција. Учесниците препорачуваат зголемување на платите на здравствените работници, вработување повеќе кадар и успешна судска разрешница за утврдување одговорност за корупција. Успешната борба против корупцијата бара пошироки општествени и институционални реформи“,
се вели во истражувањето.
Но, не сè е мрачно. И покрај предизвиците, дел од учесниците споделија позитивни искуства со јавните здравствени услуги, особено со матичните лекари, почитувањето на закажаните термини и посочија здравствени работници со интегритет, кои одбиле да учествуваат во коруптивни практики, а овозможиле квалитетна и навремена услуга. Овие примери ја покажуваат можноста за подобрување на системот, се вели во истражувањето.
Анализата има за цел да ги истражи разликите во искуството со и перцепцијата за корупција во здравството кај граѓани со различна економска моќ, социјален статус и потекло или место на живеење.
Целиот документ може да го прочитате овде.