„Од една страна охрабрува тоа што жртвите се охрабрени да пријават, но од друга страна разочарува зголемувањето на бројката на семејно насилство. Сепак, повторувам, ние мора да сме посветени за најдобар одговор којшто може да го даде МВР“, изјави денеска министерот за внатрешни работи
Говорејќи за превентивните активности во однос на врсничкото насилство во училиштата, Тошковски смета дека негово мислење е дека МВР во иднина треба да се фокусира на модернизација на полицијата, со употреба на современа технологија, „боди-камери“, аналитичка поддршка и полициски возила кои, практично, ќе бидат мобилни полициски станици
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека полицијата презема преветивни мерки во врска со случаите на врсничко насилство во училиштата и дека е во координација со Министерството за образование и наука и со стручните лица од средните училишта.

Во врска со најавите за вклучување на наставниците во делот на безбедноста во училиштата, министерот рече дека со министерката за образование Весна Јаневска разговарале повеќепати за можните решенија, но посочи дека тој дел е во надлежност на Министерството за образование и наука (МОН) и оти тука не би сакал да навлегува во детали.
„Она кое што МВР го презема од аспект на превенција, многу добро знаат родителите дека полициски службеници заедно со стручни лица од средните училишта подолг временски период и пред настанување на овој инцидент којшто го имавме, се на терен, проверуваат, вршат прегледи согласно законските надлежности, го вршат оној превентивен надзор којшто треба од страна на полициските службеници да биде посветен на нашите најмили дечињата“,
рече министерот.
Според него, тоа е само една од активностите што ја преземаат како Министерство, притоа осврнувајќи се на активностите против злоупотребата на мало или лесно оружје во училиштата, кампања што беше спроведена со странските партнери на земјава.
„Така што сме посветени и работиме на ова. Дали тоа дава резултати какви што ние посакуваме е друго прашање“,
рече Тошковски.
Според него, Министерството со кое раководи, во иднина треба да се фокусира на модернизација и професионализација на полицијата, со употреба на современа технологија, „боди-камери“, аналитичка поддршка и полцииски возила кои, практично ќе бидат мобилни полициски станици.
„Кога говорам за ова, говорам од аспект на максимално професионализирана полиција со максимално добро опремени возила кои што практично би биле полициски станици во движење, со употреба на „боди-камери“, со двонасочна комуникација на таквите „боди-камери“ со команден центар, со аналитичка поддршка во живо од страна на команден центар којшто ќе ги насочува, упатува и дава соодветни влезни податоци за постапување на полициските службеници. Ние треба да се посветиме на осовременување на сите оние активности коишто сме должни да ги преземеме како Министерство за внатрешни работи (МВР) и соодветно да одговориме на предизвиците што ги имаме во 21. век, како во делот на врсничкото насилство, така и во делот на семејното насилство, како и на каков било тип на насилство во Македонија“,
рече министерот.
Осврнувајќи се на семејното насилство, министерот оцени дека е охрабрувачки што жртвите се охрабруваат да пријавуваат, но истовремено изрази загриженост поради зголемувањето на бројот на случаи.
„Од една страна охрабрува тоа што жртвите се охрабрени да пријават, но од друга страна разочарува зголемувањето на бројката на семејно насилство. Сепак, повторувам, ние мора да сме посветени за најдобар одговор којшто може да го даде МВР“,
кажа Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со контролата на приватните агенции за обезбедување кои се ангажирани во образовните институции, министерот потенцираше дека МВР врши редовни проверки при нивната регистрација, издавањето и одземањето на лиценците, како и по добиени претставки за нивното работење.
„Една од работите на МВР е да врши контрола при регистрација на агенции дали ги исполнуваат условите, сигурен сум дека она кое што требало да се преземе е преземено од страна на МВР во делот на проверка на одредени компании дали исполнувале или не исполнувале услови за да се стекнат со лиценца, е сега дали тие постапувале секогаш согласно оние права и должности кои што ги имаат, дали не прекршиле, дали исполниле услови за одземање, тоа е друго прашање. Има такви ситуации, но секако дека МВР по добиени информации дали по претставка или допрен глас ќе си го преземе она што е наша надлежност“,
кажа министерот за внатрешни работи.
