Во разговор со полицијата, сопругот на 25-годишна мајка Ѓ.У. од село Конче, Радовишко, изјавил дека таа околу 2 часот добила породилни болки и се породила во дворот на семејниот дом
Во Клиничката болница во Штип утринава е донесено починато новороденче кое, според информациите од полицијата, го родила 25-годишна жена од радовишкото село Конче во дворот на семејниот дом.

Случајот, како што информираат од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, е пријавен во 4:24 часот од страна на вработени во болницата.
„Од страна на вработените во Клиничката болница – Штип е пријавено дека кај нив е донесено мртво новороденче, кое неговата 25-годишна мајка Ѓ.У. од село Конче, Радовишко, го родила во домот“,
се вели во полицискиот извештај.
Лекар констатирал смрт кај новороденчето, а мајката е задржана на Одделението за гинекологија во болницата.
Во разговор со полицијата, сопругот на 25-годишна мајка Ѓ.У. од село Конче, Радовишко, изјавил дека таа околу 2 часот добила породилни болки, по што се породила во дворот на семејниот дом.
За случајот е известен јавен обвинител, а надлежните служби преземаат мерки за утврдување на сите околности.
