„Имавме состанок со г. Герт Јан Копман, кој во рамките на Европската комисија го движи тоа, сите сме оптимисти дека од оние 10 можеме да испорачаме девет и пол, а може и 10 коишто се во грејс-период, буквално така заклучивме“, изјави денеска премиерот
Од учеството на опозицијата, како што кажа премиерот, во овој грејс-период, зависи само донесувањето на Изборниот законик
Доколку надвладее разумот во опозицискиот Социјалдемократски сојуз на на Македонија (СДСМ), до крајот на јуни ќе бидат завршени сите десет преостанати обврски од Реформската агенда, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски додавајќи дека реформите не се само промени на Уставот.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Кичево, премиерот информира дека имале состанок со генералниот директор за соседство и преговори за проширување при Европската комисија (ЕК), Герт Јан Копман и дека сите се оптимисти дека во предвидениот рок земјава може да испорача девет и пол од десет, а може и десет од обврските.
„Имавме состанок со г. Герт Јан Копман, кој во рамките на Европската комисија го движи тоа, сите сме оптимисти дека од оние 10 можеме да испорачаме девет и пол, а може и 10 коишто се во грејс-период, буквално така заклучивме“,
изјави Мицкоски кој во Кичево беше на увид во реконструкцијата на спортската сала „Јанчица“.
Од учеството на опозицијата, како што кажа премиерот, во овој грејс-период, зависи само донесувањето на Изборниот законик.
За потсетување, СДСМ се повлече од работната група што беше формирана од Министерството за правда за да работи на Изборниот законик поради измените на Законот за Влада, со кои беше укината техничката влада на 100 дена пред парламентарни избори.
„Еден или два чекори зависат од учеството на опозицијата во нив, т.е. еден во овој грејс-период, а тоа е Изборниот законик. Се надевам дека таму разумот ќе преовлада, дека ќе се вратат во работната група и ќе го усвоиме сите заедно овој реформски закон, затоа што реформите не се само промени на Уставот“,
рече Мицкоски.
Во тој контекст, премиерот го критикуваше актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз, нарекувајќи го меко ткиво на македонскиот идентитет, поради барањата на опозициската партија за внесување малцинства во Уставот, како услов за продолжување на евроинтегративниот пат на земјава.
„Јас го разбирам ова меко ткиво во македонскиот идентитет во СДСМ, коешто во моментот е раководство на СДСМ, и дека најлесно им е да коленичат наместо на работат, но реформите и доказ дали сте за Европа не се само Бугарите во Уставот, туку има уште многу посуштински работи коишто треба да ги завршиме, е ние сме фокусирани на суштинските работи, а тие нека коленичат таму каде што коленичат“,
изјави Мицкоски.
Инаку, опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се препукуваат во врска со прашањето за уставните измени, како услов земјата да го продолжи патот за членство во Европската Унија.
Филипче и партијата што ја предводи се на став дека уставните измени за внесување на Бугарите треба да се спроведат, обвинувајќи ја владејачката партија дека намерно го блокира процесот поради свои лукративни причини. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвинуваат својот политички ривал дека се ставил во служба на Софија и наместо да ги штити ги предава македонските национални интереси.
