Независниот академски синдикат (НАкС) бара Владата да даде автентично толкување на Уредбата за примена на Законот за високо образование за да се разјасни дали сега треба или не, да се започне постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
Ваквото барање следува откако актуелниот ректор Никола Јанкуловски ја започна постапката за избор.
За Академскиот синдикат спорен е членот 5 од Уредбата во кој се предвидува дека мандатот на органи и тела во високообразовните институции им се продолжува за време додека трае вонредната состојба и оти институцијата е должна постапката за избор треба да ја започне најдоцна 30 дена по истекот на мандатот. Синдикатот смета дека ова отвора повеќе прашања отколку што решава, па бара Владата да даде толкување, пред сè, дали со ова се опфаќа и мандатот на ректорот или, пак, да ја измени и допрецизира Уредбата.
Од НАкС остануваат на ставот дека со вака поставената Уредба не треба да има отпочне постапка за избор на ректор.

„Но, ректорот Јанкуловски оваа уредба ја толкува на начин дека нема пречка да се отпочне или да се реализира избор на ректор во време на вонредна состојба,
изјави професорката Маја Стевановиќ од НАкС.
Барањето на синдикатот содржи седум прашања и оттаму бараат ако Владата не може да даде конзистентни одговори, тогаш Владата да направи измени и дополнувања на Уредбата за нештата да бидат јасни и недвосмислени.
Покрај легалноста, НАкС ја спори и легитимноста на почнатиот процес на избор на ректор особено затоа што, рече Стевановиќ, има доволно време да се избере ректор, бидејќи мандатот на сегашниот истекува на 15 септември.
„За нас од НАкС е неприфатливо да се форсираат избори на начин кандидатите за избор на ректор да немаат елементарна можност да ги претстават своите програми пред колегите и студентите. Од друга страна, гласачите немаат основна можност да се запознаат со кандидатите и со нивните изборни програми и да донесат информирана одлука“,
изјави Стевановиќ.
НАкС завчера и до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) поднесе претставка за незаконски почната постапка за избор на членови на Сенатот на УКИМ.
Ректорот Јанкуловски, пак, во досегашните изјави за медиуми тврдеше дека со Уредбата на Владата не се продолжува мандатот на ректорот и ги отфрли обвинувањата дека постапката се води незаконски.