Независниот академски синдикат (НАкС) го обвинува ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј) (УКИМ), професорот Никола Јанкуловски, дека ја брза постапката за избор на ректор во вонредна состојба и бара изборот да се одложи за помирни времиња. Јанкуловски, пак, стои на ставот дека таа е во согласност со Законот за високо образование, а обвинувањата според него се невистинити видувања на изолиран број на припадници на академската заедница на УКИМ.
Најголемиот универзитет треба да добие ректор со мандат од 2020 до 2023 година.
Синдикатот вели дека на Јанкуловски му е поважна функцијата од моментална ситуација и поучен од поговорката „во матно најдобро се лови“ брза со оваа постапка која е неподобно да се изврши во вонредна состојба.
„Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, ’мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба‘. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за спроведување избори за ректор“,
велат од НАкС.
Тие тврдат дека на за утре е закажана седница на Сенатот на УКИМ за да се донесе предлог-одлука за начинот на спроведување на тајното гласање, во среда, пак, Сенатот треба да гласа за формирање Универзитетска изборна комисија, а веќе во четврток Ректорската управа треба да одлучи да објави оглас за ректор со времетраење од само пет работни дена.
„Овие постапки се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори. Изборот на претседател на Сенатот претставува клучен услов за спроведување на фер и транспарентна постапка за избор на ректор. Во спротивно, постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога проф. д-р Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор“,
велат од НАкС.
Јанкуловски, пак, вели согласно законот изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, туку членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ. Во однос на Уредбата со законска сила, која ја споменува академскиот синдикат, ректорот тврди дека таа не се однесува на мандатот на ректорот.
„Членот 5 од цитираната Уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците, каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи“,
вели Јанкуловски.
Тој вели дека негова должност е да ја продолжи постапката за избор, а ако ја стопира тоа би значело директна повреда и непочитување на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ.
„Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница“,
вели ректорот.