По изјавата на американскиот претседател, Министерството за одбрана на САД потврди дека ќе испрати дополнително одбранбено оружје во Украина по наредба на Трамп, со цел за да се осигури дека Украинците можат да се одбраната додека во меѓувреме продолжуваат напорите за обезбедување траен мир
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат повеќе оружје во Украина, пред сè одбранбено, за да ѝ помогнат на земјата да се справи со засилените руски напади, пренесоа светските медиуми.

Изјавата на Трамп доаѓа откако минатата недела беше соопштено дека Пентагон ги замрзнува пратките оружје за противвоздушна одбрана во Украина, вклучително и ракетите „патриот“ и прецизно наведувани артилериски гранати, што предизвика стравувања и реакции кај Киев дека овој потег ќе ја ограничи способноста на Украина да се одбрани од руските воздушни напади и да напредува на бојното поле.
Одлуката на Пентагон, која според новинските извештаи се заснова на проценки дека самата американска армија има намалени резерви со ваков тип оружје, наиде на критики од демократите, но и од дел од републиканците кои го поддржуваат Трамп.
„Ќе испратиме повеќе оружје. Мораме. Тие мора да бидат способни да се одбранат. Сега тие (Украина) се многу погодени… Ќе мора да испратиме повеќе оружје, првенствено одбранбено оружје“,
изјави Трамп во Белата куќа пред почетокот на вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој е во посета на Вашингтон.
По изјавата на американскиот претседател, Министерството за одбрана на САД потврди дека ќе испрати дополнително одбранбено оружје во Украина по наредба на Трамп, со цел за да се осигури дека Украинците можат да се одбраната додека во меѓувреме продолжуваат напорите за обезбедување траен мир.
Сепак, како што соопшти Пентагон, неговата иницијатива за процена на воените пратки низ целиот свет останува во сила.
Во соопштението на американското Министерство за одбрана не се наведни детали каков тип оружје ќе ѝ биде испорачано на Украина.
Во петокот Трамп во изјава за медиумите рече дека на Украина ќе ѝ бидат потребни ракети „патриот“ за одбрана, но не ги спомена во синоќешната изјава.
Трамп и Володимир Зеленски во петокот имаа телефонски разговор, по кој украинскиот претседател преку кратко соопштение на социјалните мрежи информира дека со својот американски колега се договориле да работат заедно на зајакнување на заштитата на украинското небо од руските напади со ракети и дронови кои ескалираат.
По телефонскиот разговор со Трамп во петокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека се согласил да работи на зголемување на способноста на Киев да го брани небото додека руските напади ескалираат.
Според Зеленски, двајцата лидери разговарале и за можностите за заедничко производство на оружје, како и набавки и инвестиции во одбраната.
Инаку, Украина бара од Вашингтон да ѝ продаде повеќе ракети од системи „патриот“ кои Киев ги смета за клучни за одбрана на своите градови од интензивните руски воздушни напади.