„Верувам дека изјавата е случајна или, еве како што велите, несреќна. Не сакам да верувам дека навистина идентитетот може да се препознае низ ајварот, виното, пунџурот и слично“, рече шефицата на државата во интервју за Канал 5, коментирајќи ја изјавата на еврокомесарката Марта Кос, која го опиша идентитетот на земајва низ призма на македонската кујна
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека верува оти изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос од пред два дена, со која таа го опиша идентитетот на земјава низ призма на македонската кујна, е случајна и несреќна. Таа ова го кажа во интервју за Канал 5, прашана дали смета дека изјавата на Кос е дадена во несреќен момент или, пак, е потврда оти европските бирократи не разбираат со кои проблеми се соочува земјава.

„Како некој кој докторирал во Словенија и ја чувствува како втора татковина, верувам дека изјавата е случајна или, еве како што велите, несреќна. Не сакам да верувам дека навистина идентитетот може да се препознае низ ајварот, виното, пунџурот и слично, а некои од нив веќе се преземени од Словенија, ние веќе немаме ајвар, имаме ајвер, што значи гледате како интересна категорија е идентитетот“,
рече претседателката.
Говорејќи на темата, Сиљановска-Давкова рече дека оти идентитетот не се ајварот и пинџурот е јасно од основачките документи на Европската Унија, во кои се утврдени јасни параметри за тоа што е идентитет на една држава, а за кои, како што рече, комерарките и комесарите мора да бидат свесни и да ги знаат.
Во оваа смисла додаде дека во Повелбата на фундаменталните права јасно се нотира дека Европската Унија ќе го почитува почитува националниот и културниот идентитет, дигнитетот и интегритетот на сите нации и држави.
„Ако во нашава татковина имало луѓе на највисоки функции, премиери претседатели кои така кооперативно изјавуваат дека Гоце Делчев бил Бугарин или дека имаме ист јазик, дека сме еден народ, тогаш ќе слушаме и вакви приказни“,
додаде шефицата на државата.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која завчера беше во посета на Скопје, говорејќи за македонските евроинтеграции за време на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски, рече дека идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување. Таа во оваа смисла ги спомена манастирите и македонската кујна, наведувајќи дека тоа никој не може да им го одземе на Македонците.
Нејзината изјава предизвика лавина реакции во јавноста.
За време на прес-конференцијата, Мицкоски рече дека за него, идентитет не е само македонската кујна, туку и луѓето кои се дел од македонскиот идентитет како Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Даме Груев, Јане Сандански.