Таа упати прашање по чиј налог е повлекувањето на обвинението и побара итна истрага во самото обвинителство за тоа кој го донел решението за повлекување на обвинението и со какви мотиви

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагираше на одлуката на кумановското обвинителство да го повлече обвинението за кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Од СДСМ велат дека ваквиот чин е скандалозен и бараат истрага.
Ова, како што велат од СДСМ, е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност.
„Ова е од Обвинителство под контрола на власта, кое не работи во интерес на правдата и граѓаните, туку во интерес на политички договори, закулисни игри и заштита блиски до власта“,
рече Соња Тодоровска, секретар на општинската организација на СДСМ Куманово во денешната изјава за медиуми.
Тодоровска рече дека Обвинителството без нови докази и без промена на фактите, се откажува од случајот што бил воден повеќе од една година, со конкретни обвинувања за злоупотреба на службена положба, за неисполнување на службена должност во врска со издавање дозвола за градба, со нанесена штета од над три милиони денари.
Таа упати прашање по чиј налог е повлекувањето на обвинението и побара итна истрага во самото обвинителство за тоа кој го донел решението за повлекување на обвинението и со какви мотиви.
„Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса? Кој го штити Димитриевски и зошто?“,
праша Тодоровска.
Ова, рече таа, е класичен пример за неправда, ова е прикривање на одговорност и побара одговорност да сносат „обвинителите од тефтерчињата“.
„Без независно и непристрасно обвинителство, нема ниту правна држава, ниту доверба во институциите. Овој срам пред правдата, направен во Куманово е уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити. Ова е неправда. Граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност“,
додаде Тодоровска.
Кумановскиот основен суд на 1 јули донел пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението.
Одлуката, како што рекоа од Обвинителството, е донесена откако по изведувањето на сите докази во текот на судската постапка, вклучувајќи ги и исказите на вештите лица, утврдено е дека веќе не постои штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Од Обвинителството додадоа дека и покрај сите преземени дејствија утврдено е дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност. Поради ова, јавниот обвинител имал обврска да го повлече поднесеното обвинение.