Од ОЈО Куманово нагласуваат дека за да бидат исполнети законските обележја на ова кривично дело, неопходно е да постои нанесена, односно настаната значителна штета, која во конкретниот случај, согласно вештачењата, не постои поради издаденото одобрение за градење

Основното јавно обвинителство Куманово го повлече обвинителниот предлог поднесен до Основниот суд во Куманово, кој се однесуваше на кривичното дело непостапување по член 59 став 11 од Законот за градење, а во кој беше опфатен градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Одлуката, како што велат од Основното јавно обвинителство Скопје, е донесена откако по изведувањето на сите докази во текот на судската постапка, вклучувајќи ги и исказите на вештите лица, утврдено е дека веќе не постои штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Првичниот обвинителен предлог, додаваат од скопското ОЈО, се темелеше на материјално-финансиско вештачење кое укажуваше дека со непостапувањето по наведениот член, на две оштетени правни лица им била нанесена значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари.
Меѓутоа, како што соопшти Обвинителството, „по изведување на сите докази во текот на постапката и пред сè исказите на вештите лица произлегува дека тие се едногласни дека сега, во услови на веќе издадено Одобрение за градење, штетата наведена во обвинението нанесена на правните лица, поради непостапување по чл.59 ст.11 не постои“.
Од ОЈО Куманово нагласуваат дека за да бидат исполнети законските обележја на ова кривично дело, неопходно е да постои нанесена, односно настаната значителна штета, која во конкретниот случај, согласно вештачењата, не постои поради издаденото одобрение за градење.
Јавниот обвинител ги анализирал сите докази изведени во текот на судската постапка, испитувајќи и евентуално сторување на кривично дело со друга правна квалификација.
Предметот, по барање на обвинителот, бил два пати рефериран и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Од Обвинителството додаваат дека и покрај сите преземени дејствија утврдено е дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност. Поради ова, јавниот обвинител имал обврска да го повлече поднесеното обвинение.
Откако јавниот обвинител со поднесок од ден 30 јуни годинава се откажал од обвинението, Основниот суд Куманово на 1 јули донел пресуда со која обвинението се одбива.
Кумановското Основно јавно обвинителство, обвинението за злоупотреба на службена положба против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, го поднесе во март минатата година.