Бродот „КМП Туну Пратама Џаја“ потона речиси половина час откако го напушти пристаништето Кетапанг во градот Банјуванги на Источна Јава доцна во средата на патување од 50 километри (30 милји) до пристаништето Гилиманук на Бали, соопштија властите

Ферибот потона синоќа во близина на индонезискиот остров Бали, при што четири лица загинаа, а спасувачите трагаат по 30 исчезнати, јавува Си-ен-ен.
До денеска попладне, 31 лица беа спасени од 53-те патници и 12-те членови на екипажот, соопшти Националната агенција за пребарување и спасување.
Бродот „КМП Туну Пратама Џаја“ потона речиси половина час откако го напушти пристаништето Кетапанг во градот Банјуванги на Источна Јава доцна во средата на патување од 50 километри (30 милји) до пристаништето Гилиманук на Бали, соопштија властите.
Хеликоптер и девет чамци, вклучувајќи два влекачи и два надувувачки чамци, бараа преживеани со помош на рибари и луѓе на брегот.
Силните бранови високи до 2 метри и темнината ги попречуваа службите за итни случаи во текот на ноќта, но еден официјален претставник изјави дека подобрените временски услови и услови на морето денеска наутро, ја олеснале потрагата.
„За денешната потрага се фокусираме на пребарување на вода, бидејќи првичните жртви беа пронајдени во водата помеѓу локацијата на несреќата и пристаништето Гилиманук“,
изјави шефот на Службата за пребарување и спасување во Сурабаја, Нананг Сигит.
Еден службеник во пристаништето бил сведок на потонувањето пред спасувачите да можат да бидат известени.
„Од самиот почеток не можеше да се контактира со фериботот преку радио. Потоа можеа да се контактираат други бродови од истата компанија. Но, бродот веќе беше во состојба на навалување“,
рече Сигит.
Многу од спасените беа во несвест откако пловеа во немирни води со часови, рече началникот на полицијата во Банјуванги, Рама Самтама Путра.
Семејствата на жртвите пристигнаа на пристаништето во паника или плачејќи, барајќи информации за своите најблиски. Преживеаните беа однесени во блиските медицински установи, вклучувајќи ја и Регионалната болница Џембрана на Бали.
Индонезиските власти ја истражуваат причината за несреќата. Преживеаните им рекоа на спасувачите дека изгледало како да има истекување во машинската просторија на фериботот, кој превезувал 22 возила, вклучително и 14 камиони.