Откако обвинителството се откажало, кумановскиот суд донел пресуда со која обвинението се одбива

Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението, се наведува во соопштението од кумановскиот суд, објавено на нивната веб-страница.
„Основниот суд Куманово заради интерес на јавноста за постапката по предметот на Основен суд Куманово К-115/24 против обвинетиот М. Д. од Куманово за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 4 в.в. со ст. 1 од КЗ, известува дека на ден 1 јули годинава, донесена е пресуда со која обвинението се одбива согласно на член 402 ст. 1 т. 3 од Законот за кривична постапка, затоа што јавниот обвинител со поднесок од ден 30 јуни годинава се откажа од обвинението“,
се вели во соопштението.
Кумановското Основно јавно обвинителство, обвинението за злоупотреба на службена положба против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, го поднесе во март минатата година.
Обвинението против него се заснова на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки Детален урбанистички план. Со тоа, како што велат тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55 000 евра.
Димитриевски, пак, велеше дека тогашната власт преку некакви неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службена положба и овластување се обидува да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста пред претстојните претседателски избори, на кои тој беше кандидат.
Тој сметаше дека еден од подносителите на кривичната пријава е потврден финансиер на една од тогашните актуелни партии на власт кој има личен интерес да изгради станбен објект од 11 ката на локација за која, како што велеше Димитриевски, има известување од две институции – гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот дом Куманово дека со градбата им е загрозен јавниот интерес.
Завршните зборови во овој судски спор беа закажани за утре.