Според последниот извештај на ИЈЗ, најголем број случаи се регистрирани во Скопје, па Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и Штип, додека највисок морталитет има во Струга, Куманово, Велес, Прилеп и Дебар
Куманово е со највисока стапка на заразени од ковод-19 во земјава од почетокот на корона-кризата, иако во последните неколку седмици постепено спласнува епидемијата во најголемата општина во Северна Македонија.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, највисока стапка на заразеност е регистрирана во Куманово со 327,3 заболени на 100 000 жители, потоа е Прилеп (222,4/100.000), па Велес (196,2/100.000), Штип (195,5/100.000), Дебар (183,8/100.000), Скопје (141,8/100.000), Струга (123,8/100.000) и Тетово (108,6/100.000), додека инциденца со над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Кочани, Пехчево и Неготино.
Куманово вчера се најде повторно високо на „ранг-листата“ со заразени, веднаш зад Скопје и Штип, а со 12 нови случаи на ковид-19, за кои потоа излезе дека се во Липково.
Од друга страна, критичниот Дебар, кој уште во почетокот на епидемијата во земјава беше ставен во карантин, сепак, „заостанува“ зад поголемите градови во земјава според стапката на заразени, што можеби е резултат и на тоа што таму веќе месец и половина нема нови, ниту активни случаи на коронавирусот.
Според последниот кумулативен извештај на ИЈЗ, случаи на ковид-19 се регистрирани во 31 град, односно центар на јавно здравје низ државата. Најголем број случаи се регистрирани во Скопје, па Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и Штип, додека највисок морталитет има во Струга, Куманово, Велес, Прилеп и Дебар.
Од градовите каде што е регистриран поголем број на случаи највисок леталитет, односно стапка на смртност во однос на вкупниот број заболени, се издвојуваат Струга, Гостивар и Тетово.

Во однос на датумот на пријавување, првиот случај ковид-19 во земјава е регистриран на 26 февруари, а највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (107) е регистриран на 15 април.

Од 11-та недела во 2020 година, како што се наведува во извештајот на ИЈЗ, континуирано се регистрираат нови потврдени случаи, а врвот е достигнат во 16-тата недела.
Од пријавените случаи, заклучно со 31 мај, 25,1 проценти или 582 пациенти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а другите биле на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Од почетокот на епидемијата се регистрирани 140 смртни случаи. Најголем број смртни случаи се регистрирани на 13 април (девет). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (90). Регистрирани се 96 смртни случаи кај лица од машки и 44 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 106 (75,7%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=76), дијабетес (n=29) и белодробна болест (n=28). Регистриран е по еден смртен случај кај здравствен работник и бремена жена. За време на хоспитализација починале 131 (93,6%) пациент.

