Истата изјава како Фидани и Тариќ денеска во судот ја изговорија и ја потпишаа и судиите Марија Клетничка-Марковска, Оља Ристова, Иван Џолев и Бетим Јахја, кои добија унапредување и ќе бидат судии во Апелацискиот суд Скопје за кривична област

Судијата Африм Фидани и официјално е претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија откако денеска даде свечена заклетва во Судскиот совет.
„Изјавувам и се колнам дека функцијата претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија суд ќе ја вршам чесно, совесно, независно и одговорно, ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија и дека ќе ги почитувам слободите и правата на граѓанинот“,
е свечената изјава што ја даде Фидани, повторувајќи по претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Фидани и „де јуре“ стана шеф на највисокиот суд во државата по повеќе од еден месец откако беше избран на функцијата на седница на Судскиот совет.
„За“ избор на Африм Фидани за претседател на Врховниот суд на 26 мај гласаа осум членови на Судскиот совет. Тоа е и минималниот број на потребни гласови. Петмина членови на Советот беа против, вклучувајќи го и актуелниот претседател на „судската влада“, Александар Камбовски.
Во дискусијата пред гласањето, како недостатоци на Фидани беа споменати неговата анонимност во јавноста, па и меѓу судиите, како и недоволното познавање на состојбите во судството по актуелните прашања.
Противкандидатката на Африм Фидани и претседателка на Врховниот суд во периодот 2021-2025 година, Беса Адеми, доби само два гласа.
Условно кажано одолговлекувањето на свечената изјава на Фидани, од Судскиот совет го образложија со користењето годишни одмори од страна на членовите на Советот.
Во изјава за медиумите по свечената изјава, Фидани рече дека прв приоритет за време на неговиот мандат ќе биде враќањето на довербата во судството преку работа на транспарентноста на судот, отчетноста на судиите и соработка со сите институции и со граѓаните.
Заедно со Фидани денеска свечена изјава даде и судијата Хаџо Тариќ, кој е избран да раководи со Основниот суд Крушево.
Истата изјава како Фидани и Тариќ денеска во судот ја изговорија и ја потпишаа и судиите Марија Клетничка-Марковска, Оља Ристова, Иван Џолев и Бетим Јахја, кои добија унапредување и ќе бидат судии во Апелацискиот суд Скопје за кривична област.

Четворицата судии беа избрани на повисоките судиски функции во второстепението на истата седница на Судскиот совет на 26 мај, како и сега веќе актуелниот претседател на Врховниот суд, Фидани.
На седницата беа избрани и неколку судии за Апелацискиот суд, но за граѓанска област. Но, тие денеска не дадоа свечена изјава бидејќи, како што кажа претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, таму постапката не е правно завршена, односно досега се пристигнати три жалби.