Според двајца експерти за оружје, кои ги цитира „Гардијан“, големиот кратер оставен од експлозијата дава дополнителни докази за употребата на голема и моќна бомба како што е МК-82

Израелската армија употребила бомба од 230 килограми во нападот врз кафуле во Газа во понеделникот, а експертите велат дека употребата на таква муниција покрај присуство на многу незаштитени цивили, вклучувајќи деца, жени и постари лица, може да претставува воено злосторство, објави денеска „Гардијан“.
Експертите за меѓународно право велат дека употребата на неселективно оружје генерира масивен експлозивен бран и расфрла шрапнели на широка површина.
Фрагменти од оружје од урнатините на кафулето „Ал-Бака“, фотографирани од „Гардијан“, се идентификувани од експерти за оружје како делови од бомба за општа намена МК-82 од 230 килограми.
Според двајца експерти за оружје, кои ги цитира „Гардијан“, големиот кратер оставен од експлозијата дава дополнителни докази за употребата на голема и моќна бомба како што е МК-82.
Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјави дека нападот врз кафулето е во фаза на разгледување и дека „пред нападот, преземени се чекори за ублажување на ризикот од повредување на цивилите со користење на воздушно набљудување“.
Медицински и други претставници изјавиле дека во нападот врз кафулето загинале меѓу 24 и 36 Палестинци, а десетици други биле повредени. Меѓу загинатите имало познат режисер и уметник, 35-годишна жена и четиригодишно дете. Меѓу повредените имало 14-годишно момче и 12-годишно девојче.
Кафулето имало два ката – отворена горна палуба и долен кат со широки прозорци кон плажата и морето – и пристапи што биле јасно видливи одозгора.
Пристанишната област каде што се наоѓало кафулето „Ал-Бака“ не била опфатена со ниту една од наредбите за евакуација издадени од ИДФ за да се предупреди за претстојните воени операции.