Туристите што биле во Агиа Фотија, Галини и Куцунари се преместени во хотели во непогодените делови од регионот, додека други ноќта ја поминале во локален затворен спортски објект во Иерапетра, пишува весникот „Катимерини“

Голем шумски пожар што веќе два дена гори во близина на Иерапетра во регионот Ласити на Крит и натаму е активен и предизвика евакуација на стотици жители и туристи.
Пожарот е во тешко пристапна шумска област во близина на општината Иерапетра и тој е на три фронта.
Итни предупредувања биле издадени неколку пати во текот на вчерашниот ден преку системот 112, со наредби за евакуација од неколку населени места, а поединци беа евакуирани и со брод од плажите.
Туристите што биле во Агиа Фотија, Галини и Куцунари се преместени во хотели во непогодените делови од регионот, додека други ноќта ја поминале во локален затворен спортски објект во Иерапетра, пишува весникот „Катимерини“.
Според информациите од Службите за итни случаи, неколку лица се префрлени во болница со респираторни проблеми. За ширење на пожарот придонесуваат ветровите што достигнуваат до ниво осум степени според Бофортовата скала, предизвикувајќи брзо ширење кон југ и закана за станбени згради, туристички сместувачки капацитети и клучна инфраструктура, вклучително и бензинска пумпа.
За локализирање на пожарот ангажирани се копнени и воздушни противпожарни единици, а засилување на овие екипи е испратено и од Атина. На терен имало 155 пожарникари, осум специјализирани пешадиски екипи и 38 противпожарни возила, а вчера до крајот на денот четири хеликоптери фрлале вода врз пожарот. Но, според пишувањата на грчките медиуми, и покрај големиот број екипи и опрема на терен, сепак, гаснењето на пожарот е попречено од силните ветрови и непристапниот терен.
Во гаснењето на пожарот се вклучиле и локалните власти, волонтери и општински екипи користејќи цистерни за вода, булдожери и машини за земјени работи.
„Ветровите сè уште се многу силни, а пожарот е интензивен. Во текот на ноќта сите наши напори беа насочени кон спасување на што е можно повеќе домови“,
вели заменик-гувернерот на Ласити, Јанис Андроулакис во изјава за радиодифузерот ЕРТ.
Тој вели дека е прерано да се процени колку домови можеби се изгубени, но додаде дека координацијата со локалните агенции и противпожарната служба е во тек за да се утврди целосниот обем на штетата. Во регионот, како што вели Андроулакис, имало прекини и во снабдувањето со електрична енергија, а отежната била и комуникацијата поради немањето сигнал на мобилната мрежа.