Во гаснењето се ангажирани повеќе од 50 лица, а градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, побарал воздушна поддршка за гаснење на пожарот, но како што информираат од ЦУК биле известени од МВР дека заради технички причини не можат да обезбедат хеликоптерска поддршка
Пожарот во валандовско Грчиште, кој избувна вчера попладне, утринава, поради силниот и топол ветер, повторно се активирал и во моментот од огнот е зафатена голема површина, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму додаваат дека пожарот е распространет во два огнени крака од кои едниот се движи кон селата Казан Дол и Фурка, а вториот кон општина Богданци.

Во гаснењето се ангажирани повеќе од 50 лица, а градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, побарал воздушна поддршка за гаснење на пожарот, но како што информираат од ЦУК биле известени од МВР дека заради технички причини не можат да обезбедат хеликоптерска поддршка.
„Дополнително ЦУК достави барање и до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но до овој момент сè уште нема одговор. Паралелно, испратено е и барање до Генералштабот на Армијата за можност за ангажирање воздушна поддршка и се очекува одговор и од нивна страна“,
се наведува во соопштението од ЦУК.
Од ЦУК посочуваат дека станува збор за сериозен пожар кој зафаќа голема површина со населени места од расфрлан тип, што претставува потенцијална закана за животот и здравјето на населението, како и за објекти, имот и инфраструктура во регионот зафатен од пожарот.