БИРН ги доби податоците за трошоците на македонската делегација на светскиот саем

Пролетното патување на бројната македонска делегација на светскиот саем ЕКСПО 2025, кој се одржа во Осака, Јапонија, го чинелo државниот буџет речиси 90 илјади евра, пишува „Призма“ во најновото истражување.
Ова е збирната сума што се добива ако се пресметаат сумите кои БИРН ги доби од неколку министерства и од владата. На прашањата колку вкупно потрошиле лицата, кои можеа да се забележат на фотографиите од Јапонија, за авионски превоз, хотел и дополнителни трошоци, одговори добивме од министерствата за надворешни работи и надворешна трговија, за европски прашања и од Владата.
Од Министерството за култура и туризам и покрај тоа што помина законскиот рок, одговор сè уште не добивме.
Според фотографиите, кои се споделуваа на социјалните мрежи, во јапонскиот град беа тројца министри, некои од нив со сопругите, како и претставници од владата. Нивното патување тогаш предизвика многу реакции во јавноста, која ја забележа бројноста на делегацијата.
Според податоците што ги добивме од владата таа институција ја претставувале генералниот секретар Игор Јанушев, портпаролката Марија Митева и националниот координатор за туризам Акан Махмут. Вкупно за авионски билети, сместување и трошоци, заедно за тројцата, се потрошени повеќе од 14 илјади евра.
Уште еден претставник на „Илиденска“ број 2 бил со нив. Шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски, кој бил придружуван од неговата сопруга. За него не платила Македонија, туку јапонската влада, а за брачната партнерка трошоците ги покриле сами.
На сметка на азиската земја биле и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и неговата сопруга.
Целиот извештај може да го прочитате тука.