Израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дени Данон, изјави дека Израел е апсолутно подготвен за прекин на огнот. Засега не е јасно дали Хамас ќе ги прифати условите од предложениот договор
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел се согласил со условите за 60-дневен прекин на огнот во Газа, во кој ќе се вложат напори за завршување на војната во палестинската енклава.

„Моите претставници имаа долг и продуктивен состанок со Израелците за Газа. Израел се согласи со потребните услови за финализирање на 60-дневниот прекин на огнот – период во кој ќе работиме со сите страни за да се стави крај на војната. Катарците и Египќаните, кои работеа многу напорно за да помогнат во воспоставувањето мир, ќе го достават овој конечен предлог. Се надевам за доброто на Блискиот Исток, дека Хамас ќе го прифати овој договор, бидејќи нема да се подобри, може само да стане полошо“,
изјави Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут соушл.
Израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дени Данон, изјави дека Израел е апсолутно подготвен за прекин на огнот. Засега не е јасно дали Хамас ќе ги прифати условите од предложениот договор.
Најавата на Трамп доаѓа пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху закажана за следната недела, на која американскиот претседател, како што самиот рече, ќе биде многу строг.