„Неколкупати во изминатиот период, а сега и во контекст на извештајот повикувам да седнеме заедно, точно да дефинираме кој е начинот на којшто сите политички чинители треба да соработуваат за земјата да тргне напред“, рече лидерот на СДСМ по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос
Не е време за калкулации и ситнопартиски интереси, туку време во кое секоја партија треба да даде сè од себе за да продолжиме по евроинтеграцискиот пат – порача лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, по средбата што попладнево ја оствари со еврокомесарката за проширување Марта Кос, која е во посета на земјава.

На новинарско прашање дали е можен национален консензус во врска со недопирање на македонскиот идентитет и јазикот како прв чекор за политичко обединување, Филипче вели дека не само што е потребно, туку е неопходно.
„Неколкупати во изминатиот период, а сега и во контекст на извештајот повикувам да седнеме заедно, точно да дефинираме кој е начинот на којшто сите политички чинители треба да соработуваат за земјата да тргне напред“,
рече лидерот на СДСМ.
Средбата со еврокомесарката Кос ја оцени за многу конструктивна и средба со која, како што рече, се докажува континуираната и искрена поддршка на Европската Унија на патот на земјава кон членството во Унијата. Во оваа смисла Филипче нагласи дека СДСМ е целосно посветен на евроинтеграциите како единствен начин за зајакнување на капацитетите и институциите, економијата и правниот систем.
„Жалам што изминатата година има стагнација на тој пат. Некако отсуствува и стратегија и политички дијалог и за жал се отвораат затворени прашања. Во таа смисла побарав поддршка од еврокомесарката, од неа лично и од сите европски институции, да се откочи нашиот евроинтеграциски пат. Не е време за калкулација ниту за ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја партија треба да даде се од себе за да продолжиме по евроинтеграцискиот пат, да се отвораат поглавјата од преговорите поради тоа што граѓаните го очекуваат тоа од нас“,
додаде Филипче.
Рече дека еврокомесарката била искрена и посочила дека дава сè од себе, дека ги користи сите капацитети, механизми и инструменти за земјава да го продолжи на евроинтегративниот пат, но дека дел од задачата, алудирајќи на уставните измени, треба да биде сработен дома.
„Најмногу зависи од внатрешниот консензус, затоа што тоа е прашање за кое не само политичките партии, туку целото општество се обединува“,
посочи лидерот на СДСМ.