Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, вели дека Владата на незаконски начин му се меша во работата во министерството.
Владата на вчерашната седница донесe заклучок сметајќи дека распоредувањата и унапредувањата во МВР се спротивни на одредбите од Законот за Влада.
Според Чулев, донесувањето на тој заклучок со кој се задолжува МВР да ги стопира тековните постапки за распоредувања и унапредувања во министерството, се грубо мешање во работата на МВР.
„И покрај фактот што ДКСК и Управниот суд донесоа одлука и пресуда со која се поништи одлуката на владата за поништување на решенија за распоредување донесени од моја страна и ја потврдија законитоста на моето постапување, владата и понатаму продолжува спротивно на законот да се меша во работењето на министерството за внатрешни работи и да го опструира нормалното функционирање, со што крајно негативно влијае врз неговата ефикасност“,
пишува Чулев на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба Владата со заклучок го задолжува Министерството за внатрешни работи да ги стопира огласите со кои се пополнуваат дел од испразнетите работни места. Тој вели дека според ова, политиката и партиските интереси повторно се поважни од здравјето и животот на граѓаните, а со ова Владата уште еднаш го потврдува тоа.
„Владата од една страна секојдневно ме обвинува дека сум виновен за нејзините неуспеси поврзани со ширење на коронавирусот, а од друга страна и во ваква состојба Оливер Спасовски и неговите послушници во Министерството за внатрешни не успеваат да се издигнат над партиските интереси, а со цел заштита на здравјето и животот на граѓаните“,
вели Чулев.
Тој потенцира дека согласно законот за организација и работа на органите на државната управа со министерствата раководи министер и од тие причини ваквата постапка на владата претставува грубо мешање во работата на Министерството за внатрешни работи.
„И покрај ваквите непринципиелни и незаконски притисоци и понатаму ќе постапувам во согласност со законите и штитејќи го интересот на граѓаните. Во интерес на законите потребно е вработените на Министерството за внатрешни работи да постапуваат исклучиво во согласност со позитивните законски прописи. Апелирам на доследно и целосно почитување на овој неопходен принцип при секојдневното управување, раководење и извршување на работните задачи“,
реагира Чулев.
