„Мислам дека покажува јасна волја и поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес, но се работи за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни измени се неопходни, кои можеби нема да се последни“, вели известувачот за земјава во ЕП во изјава за „360 степени“
Владимир Мирчески, известувач од Брисел
Преговорите беа тешки и долги, но имаме јасно мнозинство што зборува само за себе, изјави за „360 степени“ известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, откако денеска во Комитетот за надворешни работи помина Извештајот за Северна Македонија, со неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Прашан дали мисли дека ова ќе помогне за работите на кои сè уште се чека, како што се уставните амандман кои се потребни за Македонија да ги отвори преговарачките кластери, Вајц одговори:
„Мислам дека покажува јасна волја и поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес, но се работи за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни измени се неопходни, кои можеби нема да се последни. Сите наши држави правеа уставни измени за да можат да се придружат на ЕУ, на заедничкиот пазар, заедничкото европско право. Ова е многу нормален процес и да, Северна Македонија треба да ги направи следните чекори, да направи уставни измени за конечно да започнеме вистински преговори“.
„За“ извештајот на Вајц, заедно со компромисните амандмани, беа 40 европратеници, 19 беа „против“ и 10 „воздржани“.
На гласање не стигна амандманот што усно го предложи германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија – пред „македонски јазик и идентитет” да се додаде терминот „модерен”. Шестмина се изјаснија против (требаше минимум петмина) што според правилата на ЕП значеше дека за амандманот воопшто нема да се гласа.
Галер, кој е од групата на демохристијаните, рече дека имаат разбирање со групите Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, таков амандман да биде предложен и на пленарната седница на Европскиот парламент на која треба конечно да биде усвоен извештајот за Македонија. Сесијата е закажана од 7 до 10 јули во Стразбур.