Во најавата за настанот, кој ќе се одржи под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Мицкоски рече дека резултат на работата на Владата во изминатата година се покачени плати и пензии, изградба на патишта, странски инвестиции, испорачани учебници за учениците, обезбедени половина милијарда евра за бизнисот и капитални проекти за општините, раст на македонската економија итн.
Опозицискиот СДСМ, пак, обвини дека една година по доаѓањето на актуелната влада државата не е горда, туку понижена. Партијата оцени дека наместо ветените промени, граѓаните ја добиле старата корумпирана власт, која, меѓу другото, ја обвинија за скандали и сомнежи за криминал во владините редови
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва пред платото на Владата во Скопје ќе се обрати на настан по повод одбележување на првата годишнина од изборот на Владата. По победата на парламентарните избори во мај минатата година, Собранието на 23 јуни ја избра владата на чело со Мицкоски со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“.

Во најавата за настанот, кој ќе се одржи под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Мицкоски рече дека резултат на работата на Владата во изминатата година се покачени плати и пензии, изградба на патишта, странски инвестиции, испорачани учебници за учениците, обезбедени половина милијарда евра за бизнисот и капитални проекти за општините, раст на македонската економија итн.
„Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните, како што знаеме дека вие сте свесни што наследивме, дека чуда не се можни преку ноќ и дека не е лесно, но со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кој ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат“,
напиша Мицкоски во најавата за вечерашниот настан.
Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ обвини дека една година по доаѓањето на актуелната влада, државата не е горда, туку понижена, а понижени се и нејзините граѓани – работниците, земјоделците, младите. Партијата оцени дека наместо ветените промени, граѓаните ја добиле старата корумпирана власт.

„Економската состојба е катастрофална. Животот станува сè потежок, платите не растат, а цените секојдневно одат нагоре. Парното поскапе, струјата поскапе. Народот е оставен сам, додека власта се расфрла со луксуз – приватни авиони, хотели од соништата, скапи јадења, папаја, манго. Владата лаже за економски раст, а фактите се јасни: инфлација речиси 4,5 отсто, раст од само 2,6 отсто. За првпат имаме полош економски резултат дури и од воената 2001 година. И сето тоа додека владата за една година ја задолжи државата со 7 милијарди евра, а сега најавува уште 700 милиони преку еврообврзница. Нема план, нема отчет, само нови долгови што ќе ги враќаат граѓаните“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија и за хаос во земјоделството, скандали и сомнежи за криминал во владините редови, нарушена безбедност за граѓаните.
„Граѓаните се оставени без заштита, се штитат само функционерите на власта и тоа од одговорност. Видовме трагедии што можеа да се спречат, а полицијата наместо да ги заштити граѓаните, се претвори во партиска војска која штити криминал во своите редови. Наместо зголемена безбедност – скандалозни набавки за униформи, фантомски тендери и програми за следење и прислушување. Тоа е реалноста денес“,
додаваат од опозициската партија.
СДСМ ја обвини власта и за блокада на евроинтеграциите и нулта реформи во правосудството.