„Цврсто стоиме на страната на евроатлантските вредности – спречување на нуклеарните закани, заштита на мирот и зајакнување на меѓународниот систем заснован на правила и одговорност“, велат од Демократска унија за интеграција
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) изрази загриженост за ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, но истовремено изрази поддршка за, како што наведуваат од партијата, заложбата на САД и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје во рацете на авторитарни режими.

„Демократскиот свет не може да стои со скрстени раце пред заканата од нуклеарно вооружен – Иран, кој би претставувал директна опасност за глобалната безбедност, мирот во регионот и правата на милиони невини граѓани. ДУИ стои цврсто на страната на евроатлантските вредности – спречување на нуклеарни закани, заштита на мирот и зајакнување на меѓународниот систем заснован на правила и одговорност“,
велат од ДУИ.
Во писменото соопштение се додава дека Демократската унија за интеграција е посветена кон мир, колективна безбедност и партнерството со САД, НАТО и ЕУ.
САД вчера извршија напади на три нуклеарни постројки во Иран користејќи бомбардери Б-2. По нападот, Трамп имаше обраќањето до нацијата од Белата куќа и му се закани на Иран со нови напади ако Техеран не склучи мир.