Гутереш потсетува дека постојано осудувал каква било воена ескалација на Блискиот Исток додавајќи дека луѓето во регионот не можат да поднесат уште еден циклус на уништување

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вели дека нападот на САД врз иранските нуклеарни постројки означува опасен пресврт во регионот кој веќе ја изгуби својата рамнотежа.
„Пред два дена, од истото ова место, упатив директен апел – дајте му шанса на мирот. Тој апел не беше послушан“,
рече Гутереш на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, пренесува Си-ен-ен.
Тој додава дека наместо тоа САД ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки.
Гутереш потсетува дека постојано осудувал каква било воена ескалација на Блискиот Исток и додаде дека луѓето во регионот не можат да поднесат уште еден циклус на уништување.
„Па, сепак, сега ризикуваме да паднеме во уште една глувчешка стапица на одмазда“,
рече генералниот секретар на Обединетите нации.
Синоќа шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи го повика Гутереш да ја осуди американската влада на „најсилниот можен начин“ за изведувањето на нападите врз нуклеарните постројки на Иран.
Арагчи, во писмо до Гутереш, објавено од иранското Министерство за надворешни работи, вели дека американската влада мора да биде одговорна за она што тој го нарече криминален напад, пишува Си-ен-ен.
„Се очекува вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, кој е свикан за да се справи со овој чин на агресија, да издаде јасна, цврста и недвосмислена осуда на САД како постојана членка на Советот за безбедност“,
рече Арагчи.
Арагчи во писмото додаде дека светот ја следи ситуацијата во Иран.
„Светот набљудува, неактивноста не само што ќе ја влоши оваа криза, туку дополнително ќе ја поткопа глобалната безбедност“,
рече Арагчи.
Советот за безбедност на ОН вчера одржа итна седница на барање на Иран, откако САД извршија напади врз три ирански нуклеарни постројки.
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера, на својата социјална мрежа Трут соушал (Truth Social) објави дека Соединетите Американски Држави (САД) извршиле, како што вели, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
Подоцна израелската војска соопшти дека Иран започнал одмазднички напади врз Израел и дека нејзините одбранбени системи работат на пресретнување на заканата. Ова беше првиот одговор на Иран по американскиот напад во текот на ноќта.