Според украинскиот министер за внатрешни работи, штети од нападот биле пријавени во шест од десетте кварта во градот, во кои биле погодени станбени згради, а бројот на повредени изнесува најмалку 10 лица
Најмалку пет лица се убиени во нов бран руски напади со ракети и беспилотни летала врз Киев и околината, извршени ноќеска, јавуваат светските агенции повикувајќи се на локалните власти.

Во нападите, според извештаите, предизвикани се пожари во станбени области во градот, а оштетен е и влезот на една од станиците на метрото кое жителите на Киев го користат како засолниште при воздушни напади, пишува Ројтрес.
„Рускиот стил е непроменет – удираат таму каде што може да има луѓе“,
напиша на Телеграм началникот на воената администрација во Киев, Тимур Ткаченко.
Засега нема коментар од официјална Москва во врска со овој нов бран руски напади врз главниот град Украина, кој е еден од неколкуте извршени во изминатите неколку недели.
Иако двете страни негираат дека во нападите таргетираат цивилни цели, од почетокот на конфликтот што Русија го започна во февруари 2022 година, досега се убиени илјадници цивили, од кои најголемиот дел се Украинци.
Во синоќешните напади, најмалку четири лица биле убиени во прометниот кварт Шевченкиевски во Киев, каде што бил уништен цел влез од станбен комплекс, соопшти украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм.
„Сè уште има луѓе под урнатините“,
додава тој во објавата.
Според министерот, штети од нападот биле пријавени во шест од десетте квартови во градот, во кои биле погодени станбени згради. Бројот на повредени, според Клименко, изнесува најмалку 10 лица.
Во напад на поширокиот регион на Киев убиени е на 68-годишна жена, а најмалку осум лица се повредени, изјави гувернерот Микола Калашник.
Државната служба за вонредни ситуации на Украина објави фотографии на кои можат да се видат спасувачки екипи како евакуираат луѓе на безбедно место од неколку запалени згради и и други објекти. Службата соопшти дека меѓу спасените лица била и една бремена жена.
#Київщина: внаслідок масованого російського обстрілу житлових та промислових секторів виникли пожежі та руйнації, одна людина загинула, ще 8 поранені
— DSNS.GOV.UA (@SESU_UA) June 23, 2025
❗️Найбільше постраждали Білоцерківщина та Бучанщина. На жаль, під час повторного російського обстрілу травмовані 2 рятувальників pic.twitter.com/BvZnE2rKmV
Властите во Киев, исто така, соопштија и дека е оштетен влезот од метро-станицата во градската област Свјатошински, како и блиската автобуска станица.
Станиците на метрото во Киев се користат како едни од најбезбедните засолништа од воздушни напади за време на војната.
За потсетување, во најсмртоносниот напад на Русија врз Киев минатата недела загинаа 28 лица, а повеќе од 150 беа повредени. Украинските власти велат дека речиси 30 локации биле погодени во повеќе бранови за време на нападот.