Резолуцијата треба да добие најмалку девет гласа „за“ и да нема вето од петте постојани членки: САД, Франција, Велика Британија, Русија или Кина

Советот за безбедност на Обединетите нации денес се состанува на разговори за американските напади врз нуклеарните постројки на Иран, додека Русија, Кина и Пакистан предлагаат 15-членото тело да усвои резолуција со која ќе се бара итен и безусловен прекин на огнот на Блискиот Исток.
Сè уште не е јасно кога треба да се одржи гласањето. Трите земји споделија нацрт-резолуција, рекоа дипломатите, и побараа од земјите-членки да ги искажат своите ставови до утре вечер. Резолуцијата треба да добие најмалку девет гласа „за“ и да нема вето од петте постојани членки: САД, Франција, Велика Британија, Русија или Кина.
САД веројатно ќе се спротивстават на нацрт-резолуцијата, која исто така ги осудува нападите врз нуклеарните објекти на Иран. Нацрт-резолуцијата не ги именува САД или Израел како напаѓачи.
Светот со нетрпение го очекува одговорот на Иран откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека уништил клучни нуклеарни објекти во Иран, придружувајќи се на Израел во најголемата западна воена акција против земјата од Исламската револуција во 1979 година.
Иран побара состанок на Советот за безбедност на ОН, повикувајќи ја организацијата да се изјасни за „очигледниот и нелегален чин на агресија“ со цел да го осуди на најсилен можен начин.
Израелскиот претставник во ОН Дени Данон, вчера изјави дека САД и Израел не заслужуваат осуда, туку благодарност што го направија светот побезбедно место. Вчера, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, ги нарече нападите на САД врз Иран опасна ескалација во регион кој е веќе на работ и директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
„Во овој опасен момент, клучно е да се избегне тонење во хаос. Нема воено решение. Единствениот пат е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“,
рече Гутереш.