„Јас успеав да контактирам со сите во Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека деновиве добил, како што рече, вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Според него, се работи за удар што некој сакал да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, но успеале да го амортизираат.
Мицкоски рече дека очекува силна порака од Европскиот парламент за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик и дека, сепак, огромно мнозинство во ЕУ застанува зад македонските аргументи.
„Јас успеав да контактирам со сите во Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние кои изминатите седум години ја ограбија и понижија Македонија“,
рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека на сите средби во Берлин, Брисел, Лондон или Вашингтион државата ќе се бори за да ја каже вистината што ја чувствуваат граѓаните.
Мицкоски потенцираше дека повеќе нема да се прифаќа сè што ќе ни се сервира на маса, како билатерални спогодби и договори што се на штета на македонскиот идентитет.