Министерството за надворешни работи на Русија на Телеграм предупреди на потенцијални радиолошки последици и излезе со став дека нападите означуваат опасна ескалациј полна со понатамошно поткопување на регионалната и глобалната безбедност

Руското министерство за надворешни работи денеска остро го осуди американскиот воздушен напад на Иран во кој беа бомбардирани три нуклеарни постројки, нарекувајќи ги грубо кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Министерството на Телеграм предупреди на потенцијални радиолошки последици и излезе со став дека нападите означуваат опасна ескалациј полна со понатамошно поткопување на регионалната и глобалната безбедност.
Ирак остро ги осуди нападите на САД врз нуклеарните постројки во соседен Иран и предупреди на последиците врз безбедноста на Блискиот Исток. Ирак, исто така, повика на итна деескалација и употреба на дипломатија. Земјата, која одржува добри односи и со Вашингтон и со Техеран, се обидува да се држи подалеку од сегашната војна меѓу Иран и неговиот соперник Израел.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, пак, објавено на платформата Икс, се изразува сериозна загриженост по нападите на САД.
Министерството за надворешни работи на Катар на Икс соопшти дека опасните тензии по нападите на САД врз Иран ќе доведат до катастрофални последици на регионално и меѓународно ниво.
Бахреин и Кувајт, каде има американски бази, се подготвуваат за можно проширување на конфликтот од Иран на нивна територија.
Инаку, во текот на ноќта САД го нападнаа Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека САД извршиле, како што рече, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
Набргу потоа Иран изврши одмазднички напад врз Израел погодувајќи цели во Тел Авив. Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица биле повредени во нападите.
Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс и нагласи дека нападите од САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици.
Израел ги почна нападите на Иран на 13 јуни нагласувајќи дека целта е да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.