Според адвокатот на Љупчо Палевски, во обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство Скопје не се констатирани елементи на кривичните дела што му се ставаат на товар на неговиот клиент и затоа бара тој да биде ослободен од обвинение
Уште десет години Обвинителството да се труди нема да докаже дека Љупчо Палевски-Палчо ги сторил делата што му се ставаат на товар, две грабнувања и две убиства, од кои едно на малолетно дете. Ова денеска го кажа бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, адвокатот Јовица Страшевски, во своите завршни зборови од судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевскa и Панче Жежовски.

Според адвокатот, во обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство Скопје не се констатирани елементи на кривичните дела што му се ставаат на товар и затоа бара тој да биде ослободен од обвинение.
„Од обвинението не е јасно какви дејствија презел, а кои му се ставаат на товар. Врз основа на претпоставки не може да се темели обвинение и тоа не може да опстои без докази. Обвинителството поднесе обвинителен акт без никакви докази со кои се прејудицира пресуда која веќе беше најавена и на прес-конференција на МВР и Јавното обвинителство”,
рече адвокатот Страшевски.
Тој, исто така, наведе дека при поднесувањето на обвинителниот акт до одбраната на Палевски не биле доставени сите докази, што е обврска на Обвинителството. Тоа, како што наведе, било случај и при оценувањето на обвинителниот акт. Обвинителниот акт, како што кажа, е конфузен, паушален и без никаков понуден доказ.
Во дел од своите завршни зборови, тој се осврна на сведочењето на обвинетиот Велибор Манев кој во детали раскажа за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче. Неговото сведочење, според Страшевски, било недоследно поради што и самото Обвинителство барало да биде прочитан неговиот исказ даден во истрагата поради несовпаѓање со исказот даден пред суд. Сташевски прикажа и видеоснимки кои, како што кажа, покажуваат дека Манев не ја зборувал вистината, а се однесуваа на возилото „рено кангу”.
„Тврдењата на Велибор Манев дека додека го врзувал Жежов и во тој момент видел како Палевски влегува во собата и го зема телефонот на Жежовски може да му биде јасно само на Велибор Манев. Презентирам две видеа. На првото видео се гледа како ‘реното кангу’ доаѓа во дворот на Велибор Манев. Од него излегува Боре Водевски и остава нешто во возилото и заминува. Ако детално се погледне, се гледа дека Велибор Манев нешто брише во предниот дел на возилото каде што седи Боре Видевски, а потоа излегува од возилото. Второто видео е како Велибор Манев зема нешто во едната рака, а потоа зема две лопати кои ги вади од возилото и се враќа во куќата. Сето ова е од 24.11. 2023 година во 10:12 часот”,
рече Страшевски.
Тој се осврна и на синиот ранец за кој зборуваше Манев во сведочењето, а во кој наводно имало нешто што Палевски му рекол да му даде на одредено лице за да го отстрани. Страшевски кажа дека од свиркач добиле информација дека во близина на џамија во Визбегово бил најден ранец со два пиштоли и бели патики, за што наводно и полицијата направила белешка и го имало во полициски билтен. Ранецот наводно бил најден на 5 декември 2023 година. Повторувајќи дека обвинителниот акт е конфузен и не понудил никаков доказ, адвокатот на крајот побара да го ослободи Палевски од обвинение.