Според анализата на Службата за општи и заеднички работи, табличките треба да ги променат околу 7 000 службени возила од кои веројатно 1 000, како возила на МВР и АРМ, ќе бидат исклучени од безбедносни причини
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека најдоцна до почетокот на септември, пред одржување на локалните избори, сите државни возила ќе добијат таблички во боја.

Зборувајќи во интервју за ТВ Сител, Томовски рече дека МВР веќе има распишано тендерска постапка за набавка на црвена и жолта боја со која ќе се бележат службените возила, а јавното отворање ќе биде на 25 јуни.
„Се надевам дека ќе имаме фирма која ќе ни ги достави побаруваните бои и ќе добиеме најниска цена и веднаш по завршената постапка ќе донесеме заклучок на Влада сите државни институции – јавните претпријатија, општините, државните институции, министерствата, Владата во рок од 30 дена да ги променат таблиците“,
посочи Томовски.
Директорот на СОЗР рече дека промената на табличките ќе биде на товар на самите институции.
„Некаде околу 1 200 денари е промена на таблици со промена на сообраќајна дозвола, но тоа не е некоја голема финансиска штета за државата отколку што може да се заштеди и да излеземе сериозни кон граѓаните“,
вели тој.
Според анализата на Службата за општи и заеднички работи, табличките треба да ги променат околу 7 000 службени возила од кои веројатно 1 000, како возила на МВР и АРМ, ќе бидат исклучени од безбедносни причини.
Покрај воведувањето на таблички во боја, Томовски дополнително го повтори планот за отворање телефонска линија и мејл-адреса каде што граѓаните ќе може да пријават злоупотреба на службените автомобили.