Според видеата објавени на социјалните мрежи, во салата може да се насети тензија меѓу дел од советниците, но не и увертира за некаков посериозен инцидент. Сè се случува кога претседателот на Советот дава пауза поради обраќањето на советникот Аки Акимов, кон кого од задните редови на салата во еден момент се слушаат навреди
Инцидент ја прекина денешната 65. седница на Советот на Општина Кочани откако советникот Аки Акимов се обиде физички да се пресмета со свој колега.

По размената на навреди и пцости, советникот од редовите на Партијата за демократските просперитет на Ромите (ПДПР), додека се обидуваше да дојде до другиот советник, со шише вода погоди право в глава жена која седеше во последниот ред во салата за седници. Според медиумите, наводно станува збор за Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општината.
Од силниот удар таа се струполи на земја, а страстите полека се смирија додека колегите и укажуваат помош.
На седницата се расправаше за повеќе теми, меѓу кои за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кое загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Според видеата објавени на социјалните мрежи, во салата може да се насети тензија меѓу дел од советниците, но не и увертира за некаков посериозен инцидент.
Очигледниот анимозитет меѓу советниците дојде откако Акимов од советничката говорница му се обрати на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков.
„Почитуван колега Мирче Стојков, ти овие три и пол години зборуваше дека Венко води селективна правда. Како не ви е срам, ги изгоревте децата во дискотеката ‘Пулс’, 62 жртви имате, 250 луѓе имате повредени, луѓето немаат завои за…“,
рече Акимов.

Додека зборуваше, од советничките места се слушаат дофрлања, а во еден момент и претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, го предупредува Акимов да се однесува пристојно или ќе ја прекине седницата.
„Аки, или однесувај се како што треба или ќе ја прекинам седницата, очигледно сакате да направите инцидент во старт“,
рече Митев.
На предупредувањата Акимов му возвраќа на Митев со прашање зошто го прекинал советникот Стојков кога тој зборувал.
Во тој момент претседателот на Советот даде пауза, а Акимов продолжи да зборува од говорницата прашувајќи за каква селективна правда се зборува во Советот.
„Не ли тие срам бе г..нар еден“,
се слуша во еден момент од советничките клупи.
Во истиот момент Акимов ја напушта говорницата и оди кон задните клупи извикувајќи:
„Абе, копиле ела ваму, ела ваму копиле, на кого г..нар ти бе, ела ваму п..ер еден“,
гневно вели тој.
Дел од медиумите пишуваат дека обидот за физичка пресметка бил меѓу Акимов и Стојков, сепак според физиономијата на советникот кон кого Акимов го исфрла својот бес наликува на онаа на Васе Алексов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според снимките на социјалните мрежи, Акимов цело време е свртен кон него и во еден момент зема стол и се обидува да замавне кон колегата.

Додека другите се обидуваат да го смират, тој зема шише и замавнува кон Алексов, пред кого во тој момент стои службеничката од кочанската општинска администрација.
Ја погодува директно в глава, по што жената тетеравејќи се неколку секунди паѓа наземи, а дел од присутните во салата ѝ притрчуваат на помош.

Ударот на жената го смирува и Акимов, кој се гледа како ѝ приоѓа да види дали е во ред.
За инцидентот, според информациите на медиумите, е известена локалната полиција.