Одговарајќи на прашањето за донациите што се користеле за финансирање на политички кампањи, рече дека тоа може да биде уште еден доказ повеќе дека нема селективност, за разлика од случајот со модуларната болница, Ласкарци, „Беса транс“, случаи за кои, како што додаде, до денес има привилегирани директни или индиректни актери
Стратегијата на опозицијата е да се обиде преку некроифилија да добие политички поени, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање од отворањето на комплексот „Македонско село“ за обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за селективност во истрагата за Кочани, проследени со директни прашања до него и до владејачката партија, дали парите за рекет од т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не би ја коментирал суштината на истрагата и сега веќе обвиненијата. Тоа е во рамките на Јавното обвинителство. Владата, ниту кој било дел од неа, како било е поврзан со таа истрага, која ја води Љупчо Коцевски, јавен обвинител што со огромно мнозинство го избра коалицијата СДСМ и ДУИ. Во тимот има обвинители што во минатото беа поддржани од истата коалиција. Тука повторно СДСМ ја злоупотребува на некрофилиски начин и безмилосно загубата на тие луѓе“,
рече тој.
Одговарајќи на прашањето за донациите што се користеле за финансирање на политички кампањи, рече дека тоа може да биде уште еден доказ повеќе дека нема селективност, за разлика од случајот со модуларната болница, Ласкарци, „Беса транс“, случаи, за кои, како што додаде, до денес има привилегирани директни или индиректни актери.
„Го повикувам Обвинителството ревносно да се позанимава и со овие случаи. Гледам дека ги подзаборавија. Можеби тоа е начинот да се реваншираат на нивните вистински политички стопани од СДСМ и ДУИ. Затоа што ги кријат вистинските сторители и сите виновници што придонеле да се случат, како модуларна болница, како државен објект, поради пропусти во институциите се случува и ‘Беса транс‘ и Ласкарци“,
вели Мицкоски.
Опозицијата повторно денеска упати прашање до Мицкоски и до владејачката партија да одговори дали парите за рекет од „Пулс“ завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вчера се повика на јавно достапните податоци на Заводот за ревизија во списокот на донатори на политичките партии, каде како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во кампањите во 2020, 2021 и 2024 година се сретнува компанијата „Салтировски консалтинг“ ДООЕЛ увоз-извоз Делчево.
„Сопственик на фирмата е Анита Салтировска, сопругата на началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски. Освен донации од фирмата ‘Салтировски консалтинг‘ ДООЕЛ увоз-извоз Делчево на списокот на донатори може да се најде и името на сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита која освен донации преку компанијата, вршела уплата на донации и од свое лично име“,
рече таа.
Покажувајќи документи, со кои рече дека се докажува уплатата на донации од страна на фирмата на сопругата на началникот на СВР Штип на сметка на партијата, Кузеска постави уште неколку прашања:
кажа Кузеска.„Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите ‘Класик‘ ДООЕЛ и ‘ММММ‘ ДООЕЛ кои управувале со дискотеката ‘Пулс‘ на газда Деко, дали со транши од Деко на ‘Салтировски консалтинг‘ ДООЕЛ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на ‘Пулс‘, дали ‘Салтировски консалтинг‘ ДООЕЛ била вмешана и во скандалот ‘Делчевски Ниви‘ кој магично исчезна од судските процеси и дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ“.
Изминатиот период опозицијата постојано обвинува дека постои селективност во истрагата за Кочани.