Од Министерството за јавна администрација информираат дека меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од ЕУ и меѓународните партнери со цел поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции
Министрите за јавна администрација на С Македонија и Црна Гора, Горан Минчев и Мараш Дукај, денеска во Подгорица потпишаа меморандум за соработка со кој двете земји ја формализираат соработката во дигитализацијата на јавните услуги, управувањето со човечките ресурси, доброто управување, транспарентноста и професионализацијата на јавната администрација.

Министерството за јавна администрација информира дека меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од ЕУ и меѓународните партнери со цел поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции.
„Овој документ не е само формалност, тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора. Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот“,
порачал министерот Минчев по потпишувањето на меморандумот.
Минчев упатил благодарност до Црна Гора за партнерството и за споделената визија за модерна администрација ориентирана кон резултати, која ќе биде во служба на граѓаните.